Поминаа 40 фестивалски денови со што Охрид ќе запише уште едно успешно издание на фестивалот Охридско лето 64- то по ред. Фестивалската завеса се спушта вечерва со театарската претстава Алиса во земјата на стравовите, во изведба на Југословенскиот драмски театар од Белград, Србија, но во режија на македонскиот режисер, Александар Поповски.
„Охрид е навистина е едно од најзначајните места на македонската култура и секогаш сум подготвен да дојдам овдека и многу ми значи кога претставата ми гостува тука. Ако бевме паметни требаше не Скопје да биде град на културата, а не Охрид, бидејќи на тој начин Охрид ги има сите елементи да биде град на културата“, рече режисерот Александар Поповски.
Ја прашавме директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ, колку посетители годинава ги посетиле фестивалските програми. Низ фестивалските сцени продефилираа 800 уметници од 24 држави.
„Гледалиштата на Античкиот театар, црквата Св.Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, и Центарот за култура беа исполнети до последно место, а тоа ни дава за право да кажеме дека понудивме квалитет со кој го оправдавме епитетот на препознатлив и единствен фестивал на Балканот. За повеќето настани се бараше карта повеќе, а бележиме и рекордна посетеност на странската публика. Според нашата статистика на гледалиштата годинава имаше повеќе од 20 000 посетители на музиката и театарот“, изјави директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ.
Сега Охрид го очекува јубилејното 65 то издание веќе наредната година. Подготовките од фестивалот велат дека почнуваат уште веднаш.