Избркани од татковината поради нефункционалноста на системот. Така велат дека се чувствуваат голем дел од македонските граѓани, кои заминале од државата.
„Ни фалат другарите, ни фалат родителите. Но, не ни фали општеството. За да можеш да живееш мирен и нормален живот, мислам дека тоа Македонија веќе не го нуди. Не верувам дека ќе се смени во скоро време“, вели Емилија Маневска, која има 41 година.
Маневска, со сопругот и тригодишното дете, живеат во Шведска. Вели дека финансиите не им биле пoттик да заминат, туку потрагата по поквалитетен живот.
„Сопругот работеше во странска фирма во Скопје, јас имав своја фирма. Финансиите не ни биле проблем. Тоа што беше пресудно, беше квалитетот на животот“, објаснува Маневска.
Финансиите не ни биле проблем, тоа што беше пресудно, беше квалитетот на живототЕмилија Маневска,, 41-годишна дизајнерка
Со добро платена работа во Скопје бил и 34-годишниот, Марјан Габерски. Сепак, веќе година и пол живее и работи во Германија. Заминал поради низа состојби во македонското општество:
„Политика, многу лоша. Сите институции функционираат по принципот вујко, тетка, чичко, стрина. Ако немаш човек, не можеш никаква работа да завршиш. Или, ако не поткупиш со мито, нема никакви шанси. Здравството е нула“, рече Габерски набројувајќи ги птичините за заминувањето.
Задоволен е што дошол во систем во кој, како што вели, правилата важат за секого.
„Тука работите се подобри средени. Ако те фатат на камера за сообраќаен прекршок, тогаш казната ќе си ја платиш, кој и да си. Без оглед дали си политичар, претседател, премиер, што сакаш биди, казната си е твоја, треба да се плати и тоа е тоа“, објаснува Габерски.
Нашите скоро иселени соговорници се дел од бројните македонски граѓани од разни професии и возрасти што ја напуштаат државата. Според пресметките на Државниот завод за ревизија, годишно од земјата заминуваат по 2.500 високообразовани лица.
„Имаме сознанија дека тие се професори на одредени факултети, истражувачи коишто се докажале на меѓународно ниво. Така, можете да сфатите колку државата изгубила во однос на тоа што значи бруто домашен производ“, вели Максим Ацевски, Главен државен ревизор.
Нашата проценка е дека во овој момент е дека некаде околу 15.000 лица се иселуваат годишно од државатаАпостол Симовски, Државен завод за статистика
Првиот човек, пак, на државната статистика, Апостол Симовски, неодамна изјави дека вкупната годишна бројка на отселени лица, од различни нивоа на стручност, е многу поголема.
„Нашата проценка е дека во овој момент е дека некаде околу 15.000 лица се иселуваат годишно од државата“, изјави неодамна директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во интервју за Радио Слободна Европа.
Младинскиот образовен форум е една од ретките организации во државата што работи за и со младите. Од таму укажуваат дека неможноста за напредок на новите генерации е една од почестите причини за иселувањето.
„Поради високото ниво на корупција и корумпираност што владее во општеството, младите знаат дека ако сакаат да се вработат и да напредуваат понатаму во нивната кариера, треба да извадат партиска книшка. Тоа ги демотивира“, нагласува Ристо Савески, претседател на Младинскиот образовен форум.
Од МОФ ги нагласуваат и пречките со кои се соочуваат студентите што добиле државна стипендија за упис на престижните факултети во светот.
Нивните истражувања покажале дека после враќањето, никој од тие стипендисти не добил навремена понуда за работа од државата.
„Еден или двајца, само, споделија дека биле контактирани. Но, едниот бил контактиран после две години откако се вратил во државата, што е предолг период за чекање понуда за работа од македонските институции. Другиот, пак, бил контактиран, но му била понудена несоодветна работа согласно квалификациите што ги имал“, вели Савески.
Ќе се потрудиме да го подигнеме ученичкиот и студентскиот стандардМинистерство за образование и наука
Дел од соговорниците посочија дека Министерството за образование и наука е институцијата од која очекуваат конкретни чекори за задржување на младите и стручните кадри. Од министерството, пак, во одговор за Гласот на Америка, велат дека ќе почнат со активности за подобрување на целокупното образование.
“Ќе се потрудиме да го подигнеме ученичкиот и студентскиот стандард и младите да бидат мотивирани да се заложат за развој на личниот потенцијал, но и истиот да го искористат во сопствената земја“, изјавија од МОН.
Од Образование додаваат и дека ќе има измени во доделувањето стипендии за студирање во странство, а со цел стипендистите да се вратат и да го применат знаењето дома.
Државните ревизори, пак, во неодамнешниот извештај посочија дека последниот стратешки документ за намалување на одливот на стручните кадри истекол во 2020 година. Нова национална стратегија од таков тип, сè уште нема.
Facebook Forum