Бугарија го отвори прашањето за Северна Македонија на дводневниот самит на лидерите на Европската Унија во Брисел.
Својата намера Софија ја обелодени денеска наутро, во пресрет на состанокот на Европскиот совет, преку соопштение во кое најави дека премиерот на техничката влада, Димитар Главчев, ќе бара во заклучоците од собирот да вклучен и текст за земјава.
„Премиерот ќе побара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците од 14 декември 2023 година, како и заклучоците на Советот за Северна Македонија и Албанија од 18 јули 2022 година и да ја повикаат Северна Македонија да ги преземе чекорите наведени таму за да постигне напредок на нејзиниот пат кон европската интеграција“, пишува во соопштението.
Тоа всушност би значело на земјава да и се повтори дека мора да ги почитува Преспанскиот и договорот за добрососедство, првиот потпишан со Грција, вториот со Бугарија. Премиерот Главчев попладнето во Брисел, ги кажа забелешките на Софија.
„Во декември 2023 година беше конкретно напишано и фокусот беше на уставните измени. Во последново време гледаме изјави, ајде од партиски лидери, но и од владини функционери во Северна Македонија кои велат дека такви промени нема да се прават и за тоа ќе ги информирам моите колеги од ЕУ и да се присетиме какви било договорено за ова прашање. Во моментов не се разговара за можни идни чекори, но претпоставувам дека и грчкиот колега ќе учествува за ова прашање... За мене е важно да ја претставам бугарската позиција, која е европска позиција.“, изјави Димитар Главчев, технички премиер на Бугарија.
Заострувањето на комуникацијата меѓу Скопје и Софија е забележливо во изминатите денови откако владата предводена од Христијан Мицкоски стапи на должност.
Новиот премиер смета дека има простор за репреговарање на европската преговарачка рамка договорена во јули 2022 со што се отстрани бугарската блокада, но и се вметнаа уставни измени како услов за отворање на преговарачките поглавја.
Јас сум за тоа да се почитуваат договорите, тоа е двонасочна улица, јас сум за тоа да се градат мостови, ама и меѓусебно да се почитуваме.Мицкоски, премиер на Северна Македонија
„Мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, коишто виткаа кичма, коишто коленичеа, потпишува се и сешто што им беше ставено на маса. Од друга страна во името на европското знаме го ограбуваа народот, ја засрамуваа и понижуваа својата татковина. Треба да се навикнат на политичари кои не виткаат кичма и потпишуваат се и сешто. Јас сум за тоа да се почитуваат договорите, тоа е двонасочна улица, јас сум за тоа да се градат мостови, ама и меѓусебно да се почитуваме.“, изјави премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.
И Грција има свои забелешки за политиките на новата власт во однос на употребата на уставното име.
„Државата и политичкото раководство на Северна Македонија избраа да не го користат уставното име – Северна Македонија на домашната сцена. Тоа е флагрантно кршење на Преспанскиот договор кој предвидува дека името на државата ќе биде едно и единствено (ерга омнес) за севкупна употреба и тоа е Северна Македонија.“, истакна Јоргос Герапетритис, министер за надворешни работи на Грција.
Премиерот и членовите на владата го употребија уставното име при давањето заклетва, Мицкоски најави дека ќе го користи во странство, но не и во земјава, нешто што е неприфатливо за Грција и нешто што може потенцијално да доведе до нова блокада на евроинтеграциите.