Шефовите на одбраната на Русија и на САД одржаа редок телефонски разговор во вторникот, поради руските поплаки за американските испораки на оружје за украинските сили.
Пентагон соопшти дека секретарот за одбрана Лојд Остин „ја истакнал важноста од одржување на линиите на комуникација во услови на тековната војна на Русија против Украина“, во неговиот прв телефонски разговор со рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов, откако Белоусов го смени Сергеј Шојгу во мај.
Руското Министерство за одбрана во соопштението рече дека двајцата официјални лица „размениле мислења за ситуацијата околу Украина“ и дека Белоусов „укажал на опасноста од понатамошна ескалација на ситуацијата во врска со тековното снабдување со американско оружје за вооружените сили на Украина.“
Русија во понеделникот го повика американскиот амбасадор да му врачи дипломатска нота во знак на протест поради, како што рече, употребата на ракетите АТАМС, кои беа користени од украинските сили во нападот врз Крим, анектиран од Русија, во кој загинаа четири лица.
Портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер, во понеделникот изјави за новинарите дека Украина „сама ги носи одлуките кога станува збор за операциите и таргетирањето“ и дека Русија е одговорна за инвазијата на Украина „што доведе до смрт и уништување на илјадници невини Украинци“.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.