Линкови за пристапност

Бегалците од Украина благодарни за животот во Северна Македонија, но сонуваат да се вратат дома


„Кампот е само еден начин да им дадеме помош и поддршка, да го олесниме нивниот престој во нашата држава“, потенцира Александра Валканоска од Црвениот Крст на град Скопје.
„Кампот е само еден начин да им дадеме помош и поддршка, да го олесниме нивниот престој во нашата држава“, потенцира Александра Валканоска од Црвениот Крст на град Скопје.

„Сега најмногу сакам да се вратам во Украина, да заврши војната. Но сега сме тука, многу ми е убаво, одам на училиште и имам другари“, вели малата Украинка Људмила Лохацка.

„Моја најголема желба е да се вратам во Украина и да нема војна“, истакна сограѓанката од Украина Ќира Калачи.

Дванаесетгодишната Људмила и седумгодишната Ќира копнеат еден ден повторно да се вратат во својата татковина.

Деца на Украинци во едукативен камп во Струга
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:51 0:00

Во меѓуреме тие посетуваат македонско училиште, но не ги забораваат своите другари кои останале во Украина.

Људмила која живее во Струмица, во меѓувреме успеала да го научи и струмичкиот дијалект.

„Се здружив со децата. Како што зборуваа децата така и јас се научив од нив. И во училиште многу често зборувам на струмички, само на часови литературен (јазик). Јас ги викам моите другари на гости. Мајка ми прави украински специјалитети и многу деца бараат нивните мајки да им направат (такви) специјалитети“, го објаснува своето искуство Лохацка.

„Си играм со моите другарки некои игри на телефон, исто и со сестра ми во Украина и со другарките од украинско училиште си зборуваме“, вели Калачи.

А Људмила и Ќира заедно со дваесеттина деца и нивните мајки, беа на неколкудневен едукативен камп во Струга. Со нив работеше тим од волонтери на Црвениот крст на Скопје.

Преку креативни работилници, забавни игри и дружење целта е овие деца да се чуствуваат како да се дома.

„Во Струга имавме друштвени активности. Има психолог кој правеше психо-социјални игри. Одиме на плажа, се дружиме, се капиме заедно, правиме забавни игри заедно“, изјави волонтерот Теодор Алексоски.

„Кампот е само еден начин да им дадеме помош и подршка, да го олесниме нивниот престој во нашата држава“, потенцира Александра Валканоска од Црвениот Крст на град Скопје.

Секој во земјата дошол со своја приказна. Некои ги оставиле семејствата во Украина, како што е Вира. Таа работела на трговија со земјоделски производи од нејзината држава.

„Јас прв пат дојдов неколку дена после војната, кога требаше да купуваме зелка за Украина, за Херсон. Во тоа време Херсон беше окупиран од Русија и директорот на мојата компанија рече оди во Македонија и гледај од каде можеме да купиме зелка за Украина“, вели украинската бегалка Вира Лохацка.

Сепак, нивниот претстој во земјата не е едноставен. Главен проблем е неможноста во целост да ги остварат своите права за здравствена и социјална заштита.

„Најголем проблем е што Украинците имаат малку права во Македонија. Многу ѝ благодарам на земјата што ние можеме тука да бидеме. Но многу е тешко за здравствено осигурување да добиеме. Тука како странци можеме да живееме, но не можеме повеќе“, објаснува Лохацка.

Дарија, која денес им предава англиски јазик на украинските деца, вели дека во Скопје се чуствува како во нејзиниот роден град Херсон.

„Јас сум овде како дома. Но верувам дека се ќе се заврши. Најголема желба ми е е да заврши војната. Можеби после ќе живеам во двете земји во Украина и Македонија, кој знае. Македонија е многу слична со Украина, по менталитет, организација“, вели украинската бегалка Дарија Каџабоз, која живее во Северна Македонија.

Од Црвениот крст им помагaaт во разни ситуации. Велат се соочуваат со многу предизвици: болести, секојдневни состојби, менаџирање на хронични заболувања...

„Една од компонентите во проектот вклучуваше поддршка со готовински трансфер за остварување на правото на здравствена заштита. И за оние најтешките случаи, кога се наоѓаа во најголема итност и животно загрозувачка состојба бевме подготвени да ги платиме болничките услуги“, објаснува Валканоска од Црвениот крст.

Но сега повеќе од две години, украинските бегалци, сместени во земјата, можат да поднесуваат барања за добивање на статус на азиланти, со што ќе имаат здравствено осигурување и ќе добијат можност за вработување.

„Согласно новиот статус кој ќе го добијат - или некои веќе го имаат добиено - со стекнување на новиот статус ќе можат да ги добијат тие услуги“, вели Валканоска.

Според евиденцијата на Црвен крст, од почетокот на војната, кај нив за помош се обратиле повеќе од 800 лица од Украина.

Во моментов, 350 лица активно биле вклучени во нивните активности. Сепак бројот на украински државјани според МВР и Министерството за одбрана во Северна Македонија вели Валканоска, е околу шест илјади.

Ова е трета година како се организира овој едукативен камп, каде најмладиот учесник е дете на возраст од една година, а највозрасниот е 17 години.

XS
SM
MD
LG