На чекањето му дојде крајот - по 16 години навивачите на Бостон Селтикс ја слават титулата шампион во НБА.
Бостон синоќа на домашен терен го победи Далас Маверикс со 106:88 и ја реши финалната серија во своја корист со 4:1.
За Селтикси ова е 18-та титула во клупската историја, а сега повторно се „одлепи“ од нивните најголеми ривали, Лос Анџелес Лејкерс, со кои до вчера го делеше епитетот - клуб со најмногу трофеи во НБА. .
Најефикасен во победничкиот тим беше Џејсон Тејтум со 31 поен и 11 асистенции. Џејлен Браун придонесе со 21 поен и осум скока, Џру Холидеј имаше дабл-дабл учинок со 15 поени и 11 скока, Дерик Вајт забележа 14 поени и седум скока.
Браун беше прогласен за најкорисен играч во финалната серија на НБА.
Словенецот Лука Дончиќ ги предводеше Маверикс со 28 поени, 12 скока и пет асистенции, Кајри Ирвинг додаде 15 поени и девет скока, а Џош Грин постигна 14 поени.
Бостон сосема заслужено стигна до победата, Далас освен моменти во првата четвртина, по ниту еден параметар не можеше да им парира на мотивираните Селтикс.
Бостон беше фуриозен, очигледно желен да ја заврши работата пред своите навивачи и да ја прослави титулата за прв пат по 2008 година во Масачусетс. А меѓу оние кои ги бодреа од трибините беше и Реј Ален, еден од хероите на тој тим од 2008 година, заедно со Кевин Гарнет и Пол Пирс.
Далас цврсто се држеше во воведниот дел, до последните неколку минути, кога Браун и Тејтум „додадоа гас“ и ги доведоа Селтикси до двоцифрена предност (28:18).
Колку и да се обидуваа Маверикс да му парираат на домаќинот, се чинеше дека Селтикси ги контролираат случувањата на теренот во секој момент од играта.
Лука Дончиќ најмногу мораше сам да ја „влече“ играта на Далас, овојпат навистина не му помогна премногу Кајри Ирвинг, но затоа Џош Грин беше расположен за игра вечерва.
И покрај тоа, Далас кон средината на вториот дел успеа да ја намали разликата на подносливи минус девет (48:39), покажувајќи дека нема да се предаде без борба.
Тој инает на гостите како дополнително да ги мотивираше Селтикси на крајот од втората четвртина, на Тејтум и Браун им се придружија Вајт и Холидеј и домашната екипа уште еднаш стигна до убедлива предност (67:46).
Пејтон Причард ги зачини работите со три поени од половина терен во последната секунда во ТД Гарден.
Во првите три минути од последната четвртина ниту една екипа не успеа да постигне кош, а потоа „монотонијата“ беше прекината со акцијата на Селтикси, во која Брајан направи асистенција до Кристапс Порзингис, кој силно заби и крена публиката на нозе.
Летонскиот кошаркар се врати на паркетот откако претходно ги пропушти третиот и четвртиот натпревар од финалето против тимот кој се откажа од него во јануари 2022 година и го размени во Вашингтон Визардс поради проблеми со повреди.
Во текот на целиот натпревар Далас шутираше многу слабо за три поени, Маверикс не го подобрија значително ниту во последниот дел во кој Џејсон Тејтум апсолутно доминираше на теренот и покажа дека е најважниот шраф во шампионскиот тим на Бостон.