Израелската војска во средата соопшти дека тројца нејзини војници биле убиени во градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што жителите пријавиле нови израелски напади, а Хамас соопшти дека истрелал ракети врз израелските сили.
Последните напади се случуваат кога Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина соопшти дека треба да има прекин на огнот во Газа и пристап до хуманитарните групи да обезбедат помош за Палестинците на кои им е многу потребна помош по речиси осум месеци војна.
„Подготвени сме да направиме разлика. Мораме да имаме пристап, а за да имаме пристап таму мора да имаме прекин на огнот“, изјави претседателката Кејт Форбс, за Ројтерс.
Зборувајќи и за Асошиетед прес, Форбс рече дека има краткорочни потреби за брзо решавање, како што се неухранетост и недостаток на соодветна санитација.
„Но, тоа ќе биде маратон во тоа што ќе има помош што ќе биде потребна со децении за да се бнови Газа“, изјави Форбс за Асошиетед прес.
Соединетите Држави изразија „длабока загриженост“ во вторникот поради очигледниот израелски воздушен напад во неделата, во кој загинаа најмалку 45 Палестинци кои се засолниле во бегалскиот камп во Рафа, а рани 200 други.
САД соопштија дека го повикале Израел да спроведе целосна истрага. „Тие слики беа потресни“, им рече на новинарите портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.