Руската пропаганда е силна – е одговорот на вицепремиерката за европски прашања на Молдавија, Кристина Герасимов, на прашањето колкаво е влијанието на Кремљ врз европската иднина на нејзината земја.
Герасимов, која денеска во Скопје се сретна со дел од владиниот врв, не крие дека Москва ги корсити сите можни начини за сеење несигурност и валкање на ЕУ перспективата на Молдавија.
„Но, Русија нема да успее во своите намери“, тврди вицепремиерката. Минатата седмица во Вашингтон се одржа Стратешкиот дијалог меѓу САД и Молдавија на кој „двете страни ја потврдија својата посветеност за обезбедување слободни и фер избори во Молдавија и за попречување на тековните напори на Русија да се меша во демократските институции и изборниот процес на Молдавија“. Во октомври годинава во Молдавија ќе се одржат претседателски избори.
Пропагандата на Руската федерација и дезинформациите во однос на наште европски интеграции е силна.Герасимов, вицепремиерка на Молдавија
„Пропагандата на Руската федерација и дезинформациите во однос на наште европски интеграции е силна. Се користат социјални медиуми за да ги прошират пораките на страв и несигурност за нашата безбедност како држава, а исто и за мирот во Молдавија. Ова не е ништо ново, но сепак тие нема да успеат да ја нарушат нашата европска агенда зашто граѓаните на Република Молдавија знаат дека ЕУ е проект за мир – тоа е простор каде има цврсто почитување на демократијата, владеењето на правото, човековите права и тоа се вредностите кои ги споделува секој граѓанин на нашата држава. “, изјави Кристина Герасимов, вицепремиерка на Молдавија.