Поранешниот секретар за одбрана Леон Панета во времето на претседателот Барак Обама, ја нагласи итната потреба да се обезбеди воена помош за Украина за да се спротивстави на агендата на Русија и Путин за поткопување на демократијата.
Тој во ексклузивно интервју за грузиската редакција на Гласот на Америка ја нагласи дво-партиската поддршка во Конгресот за помошта и го повика претседателот на Претставничкиот Дом Џонсон да дозволи гласање.
Панета предупреди од политичките последици доколку не се изгласа воената поддршка за Украина, сугерирајќи дека неуспехот да се дејствува може да се смета за поддршка на Путин, и би било штетно за имиџот на Републиканската партија и контролата врз Претставничкиот дом.
Тој останува уверен дека прашањето ќе биде решено преку гласање во Претставничкиот дом, нагласувајќи ги значајните импликации за националната безбедност.
„Украина е клучна за нашата национална безбедност бидејќи на многу начини, Украинците ја водат и нашата војна за да се обидат да ја заштитат демократијата. Русија и Путин, во целото мое време со мандат во разузнавачката сфера, добивав информации за тоа што прави Путин. Беше многу јасно дека Путин има главна цел да ја поткопа демократијата во САД и да ја поткопа демократијата и на други места во светот. Тоа е неговата главна цел“, коментира поранешниот секретар за одбрана во интервјуто за грузиската редакција на Гласот на Америка.
Поранешниот директор на ЦИА во мандатот на претседателот Обама, но и шеф на Кабинетот на Белата куќа во време на претседателот Клинтон, се осврнува на неодамнешниот состанокот во Белата куќа на претседателот Бајден и виши законодавци од Конгресот на кој разговараа за важноста да се дозволи гласање за воената помош за Украина.
„Добрата вест е дека има силна двопартиска поддршка во Конгресот. Сенатот, на крајот на краиштата, ја усвои со големо мнозинство. Фер е да се каже дека ако се дозволи да се оди на гласање во Претставничкиот дом, ќе има силно двопартиско гласање во корист на тој дополнителен пакет“, анализира Панета.
Според него, многу е важно САД да останат да бидат светски лидери.
САД и сојузниците во НАТО мора да ѝ помогнат на Украина да ја запре руската инвазија и на крајот да ја потиснат Русија надвор од УкраинаПанета, поранешен секретар за одбрана
„Исклучително е важно за САД да соработуваат со нашите сојузници како што направивме со НАТО во обидот да и помогнеме на Украина. Мислам дека е многу важно да изградиме слични сојузи на Пацификот, како и на Блискиот Исток и на други места за да можеме да им се спротивставиме на оние кои се обидуваат да ја поткопаат демократијата“, вели Панета.
„Соединетите Американски Држави и сојузниците во НАТО мора да ѝ помогнат на Украина да ја запре руската инвазија и на крајот да ја истиснат Русија надвор од Украина и да му стават јасно до знаење на Путин дека нема да успее бидејќи, на многу начини, Украина не се бори само да ја одбрани својата демократија. Она што се случува денес, за светот е важно да го спречи Путин да биде агресивен“, коментира Леон Панета, долгогодишен американски политичар и виш владин функционер кој служел во неколку демократски администрации на САД како секретар за одбрана и директор на ЦИА.