САД соопштија дека највисокиот Суд на Обединетите нации не треба да издава советодавно мислење во кое се вели, дека Израел треба „веднаш и безусловно да се повлече“ од териториите на идната независна палестинска држава без Тел Авив да добие безбедносни гаранции за возврат.
Вршителот на должноста правен советник на Стејт департментот Ричард Висек изјави пред панелот од 15 судии во Меѓународниот суд на правдата во Хаг дека не треба да се обидува да го реши деценискиот израелско-палестински конфликт „преку советодавно мислење упатено на прашања кои се фокусираат на актите на само една страна - Израел.
„Секоја заложба кон израелското повлекување од Западниот Брег и Газа бара разгледување на многу реалните безбедносни потреби и на Израел“, оцени тој.
Ставот на САД уследи на третиот ден од седумдневното сослушување од Судот.
Генералното собрание на ОН побара од Судот во Хаг необврзувачко советодавно мислење за законитоста на политиката на Израел на окупираните територии, кои ги анектираше по шестдневната Арапско-израелска војна во 1967 година.
Педесет и две земји ги изложија своите ставови за израелската окупација, при што повеќето бараат Израел да ја предаде контролата врз палестинските територии.
Висек рече дека Судот „може да ги решава прашањата во воспоставената рамка заснована на принципот „земјиште за мир“ и во рамките на параметрите на воспоставените принципи на окупациското право.
Но, тој рече дека секое мислење што ќе го даде Судот „ќе има последици за страните во конфликтот и за тековните напори на сите оние кои работат на постигнување траен мир“.
Претходно палестинскиот министер за надворешни работи Риад Малки го повика судот да го поддржи палестинското право на самоопределување и да прогласи „дека израелската окупација е нелегална и мора веднаш, целосно и безусловно да престане“.
Со израелската војна против милитантите на Хамас во Газа која сега е во петтиот месец, САД продолжуваат да ја унапредуваат идејата за независна палестинска држава, иако израелските лидери и понатаму се против.