Советникот за национална безбедност на САД најави дека во четврток ќе има состанок со угледен конгресмен кој сака претседателот Џо Бајден да објави информации во врска со, како што вели конгресменот, „итна закана за националната безбедност“.
На прес-конференцијата во Белата куќа, советникот за национална безбедност, Џејк Саливан изрази изненадување што претседателот на комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом, Мајк Тарнер, упати јавен повик до администрацијата да ги декласифицира деталите означени како закана.
„На крајот на краиштата, ова се одлуки што треба да ги донесе претседателот. Но, во меѓувреме, најважно е да имаме можност да седнеме во изолиран амбиент и да имаме разговор со вишите конгресмени на Претставничкиот дом, изјави Саливан.
Конгресменот им порача на своите колеги дека итно треба да одат во безбедна просторија за да добијат доверлив брифинг за, како што тој го нарекува „дестабилизирачки странски воен капацитет“.
Не се објавени дополнителни информации за оваа безбедносна закана.