Копретседателите на тајванската група на пријатели во американскиот Конгрес го предводат првото патување на американските законодавци на Островот каде Демократската напредна партија, наклонета кон независност, освои трет последователен мандат на претседателските избори овој месец.
Американскиот конгресмен Ами Бера, демократ од Калифорнија, и републиканецот од Флорида, Марио Диаз-Баларт планираат „да се ангажираат со високи функционери и деловни лидери“, се вели во соопштението од канцеларијата на Бера, без да ги именува оние со кои ќе се сретнат.
„Целта на патувањето е да се потврди поддршката на САД за Тајван по нивните успешни демократски избори, да се изрази солидарност во нивната заедничка посветеност на демократските вредности и да се истражат можностите за дополнително зајакнување на робусните економски и одбранбени односи меѓу Соединетите држави и Тајван“, се вели во соопштението.
Кина, главниот конкурент на Америка за глобално влијание, тврди дека Тајван е нивна територија и се заканува дека ќе употреби сила за да го стави под своја контрола.
Пекинг остро го осуди изборот на актуелниот потпретседател Лаи Чинг-те за лидер на Тајван и се чини дека е подготвен да ја продолжи својата политика на одбивање да се ангажира со владата на островот првпат поставена по изборот на Цаи Инг-вен од ДПП во 2016 година.
Пекинг се противи на каква било форма на официјален контакт меѓу САД и Тајван и одговори на посетата на тогашната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси во 2022 година со некои од најголемите воени маневри во последните години, вклучително и лансирање проектили и симулирана блокада на островот.
Кина смета дека посетите на странски владини претставници значат дека го признаваат суверенитетот на островот.
Претседателот Бајден инсистира дека нема промена во долгогодишната „политика за една Кина“ на Америка, која го признава Пекинг, но дозволува неформални односи и одбранбени врски со Тајпеј.