Линкови за пристапност

Партиите се „мобилизираат“ во пресрет на изборите


Власта, засега, не покажува загриженост, зашто „Нова Алтернатива“, како што најави Арсовска, ќе ја напушти соработката со СДСМ.
Власта, засега, не покажува загриженост, зашто „Нова Алтернатива“, како што најави Арсовска, ќе ја напушти соработката со СДСМ.

Политичките структури во земјата се подготвуваат за двојните избори напролет.

Во „игра“ се вклучува и скопската градоначалничка - Данела Арсовска, која се одметна од ВМРО-ДПМНЕ со чија поддршка во 2021-та дојде на функцијата, од вчеравечер е лидер на политичка партија.

Безмалку неактивната „Нова Алтернатива“, која имаше незначителна улога во владината коалиција предводена од СДСМ, сега е под водство на Арсовска која најави учество на мајските избори.

Прашањето, е дали и со кого ќе соработува.

Сите опции ни се отворени.
Арсовска, Нова Алтернатива

„Сите опции ни се отворени, тоа е нешто за што треба да се разговара, мислам дека засега е премногу рано...“, Данела Арсовска, претседателка на Нова Алтернатива.

Власта, засега, не покажува загриженост, зашто „Нова Алтернатива“, како што најави Арсовска, ќе ја напушти соработката со СДСМ.

„Формирање на нови политички партии е одлика всушност и на плурализмот. Во поглед на тоа дали СДСМ стравува од одлив на гласови од која било политичка партија мислам дека во периодот кој претстои, особено во изборната кампања и за претседателските и за парламентарните избори имаме доволно простор да соопштиме и уште еднаш да потсетиме што се изминатиов период беше направено, она што е интересно, она што е важно за граѓаните. Тоа е одлука на партијата и партијата ако добила покана мислам дека кој било претставник на партијата треба да удостои формирање на политичка партија, доколку принципите на формирањето на таа партија, се разбира, се демократски и она што сите ние го споделуваме – европските вредности за државата, напредокот на државата. И тоа присуството на основање на партија не значи по дефиниција веднаш дека ќе се направи коалиција или дека ќе има некаква соработка, изјави Славјанка Петровска, министерка за одбрана.

Реакцијата на доскорешниот сојузник на Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ е спротивна - дека власта наменски и „купила партија“ на скопската градоначалничка токму поради изборите. „Од сите вести за формирање на партијата на Данела Арсовска главна вест секаде е присуството на Миле Зечевиќ, кој е и идеен творец на таа партија. Оттука може да се сфати колку всушност тежи таа партија кога главна вест за нејзиното формирање е присуство на секретарот на СДС“, соопшти опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ се уште јавно не ги кажала кадрите за министри за внатрешни работи и за труд и за социјала, како и за трите дополнителни заменици-министри во финасии, земјоделство и информатичко општество, позииции кои и припаѓаат во техничката, „Пржинска влада“.

Се очекува тоа да го стори во наредните денови зашто, според распоредот утврден од партиите, роковите се куси.

До крајот на неделата, процесот треба да биде заокружен – Димитар Ковачевски и Талат Џафери треба да поднесат оставки, за нов собраниски спикер да биде избран Јован Митрески, а за нов премиер да дојде Џафери кој ќе ја предводи „Пржинската влада“ во периодот до претседателските и парламентарните избори и до формирањето на новата влада.

Во овој период кој веќе почнаа партиските калкулации и прегрупирања – вчера во Приштина се сретнаа делегации на СДСМ и на „Самоопределување“ – партијата на косовскиот премиер Албин Курти која има одлични релации со опозициските партии на Албанците во земјава – Демократското движење, Беса и Алтернатива.

„На средбата се разговараше за понатамошната соработката меѓу двете партии, за регионалната соработка и дијалогот како клучни столбови за стабилност и европската иднина на Западен Балкан.

Заеднички е потврдено дека европски вредности и дијалог за сите прашања се исклучително важни за државите во целиот регион и прогресивните партии треба да придонесат во јакнење регионалната соработка и стабилноста на Западен Балкан“, пишува во соопштението на социјалдемократите.

Во наредниот период ќе стане појасно дали оваа средба била обид за воспоставување „мост“ за можна соработка меѓу владејачката коалиција и опозициските партии на Албанците во пресрет на изборите.

XS
SM
MD
LG