Линкови за пристапност

Судскиот совет заседаваше откако Управниот суд ја „урна“ смената на Весна Дамева

Во пресудата, која е јавно објавена а следи по тужбата на Дамева, Управниот суд утврдил дека „образложението на одлуката на Судскиот совет со кое се разрешува поранешната претседателка е нејасно, не се наведени докази, ниту утврдени факти“.

Речиси три часа траел денешниот работен колегиум на Судскиот совет на кој членовите на ова тело расправале за пресудата на Управниот суд во која се вели дека ланското разрешување на Весна Дамева од челната позиција на Советот е незаконско.

Засега нема информации, ниту изјави за тоа каква позиција зазел Судскиот совет по ваквата одлука на Управниот суд која во експертската јавност се толкува како своевидна „шлаканица“ за априлските случувања во Советот кои резултираа со смената на Дамева.

Во пресудата, која е јавно објавена а следи по тужбата на Дамева, Управниот суд утврдил дека „образложението на одлуката на Судскиот совет со кое се разрешува поранешната претседателка е нејасно, не се наведени докази, ниту утврдени факти“.

„Во конкретниот случај, Судот најде дека образложението на оспорената Одлука е нејасно, односно тужениот орган во истата не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува од функција сега тужителот, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на онаква одлука како што е дадена во диспозитивот на истата“, се вели во пресудата.

Управниот суд исто така забележува дека „Судскиот совет, само навел дека со мнозинство гласови на членовите била изгласана недоверба на Дамева“, без да се наведат законските одредби по кои била спроведена постапката за разрешување.

„Тужбата на тужителот В.Д. (се мисли на Весна Дамева) од Скопје се уважува. Одуката бр.02-934/1 од 04.05.2023 година, на Судскиот совет на Република С Македонија се поништува“, стои во пресудата.

Денеска, на прашања за ситуацијата во Судскиот совет, тело чиј кредибилитет е сериозно нарушен по начинот на кој беше сменета Дамева, одговараше и премиерот Ковачевски.

„Во однос на Судскиот совет и случувањата таму, ги делам размислувањата на амбасадорката на САД и на амбасадорот на Холандија.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.

Амбасадорката Агелер, во една од своите изјави, кажа дека „Судскиот совет не успеал во целост да ги исполни своите законски обврски и дека тоа не е правдата која граѓаните ја очекуваат“. Холандскиот амбасадор пак, порача дека Советот, ваков како што е, е нелегитимно тело.

По смената на Дамева реагираше и ЕУ која прати оценска мисија која излезе со 40 препораки како да се подобри состојбата во Судскиот совет - тело клучно за градење независно и професионално судство.

XS
SM
MD
LG