СКОПЈЕ – Љупчо Палевски е првоосомничен за убиството на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Јавно Обвинителство, Гаврил Бубевски, на прес конференција соопштија детали од досегашната истрага. Двете убиства се расчистени, во двете убиства мотивот се пари. Жртвите ниту се познавале ниту се поврзани.
Велешкиот пензионер Панче Жежовски бил убиен поради долг од 500 евра, неговото возило е користено при грабнувањето на Вања Ѓорчевска а мотивот бил изнуда на пари од нејзината мајка која што продала стан.
„Имаме целосно признание од тројцата осомничени и кој за што бил задолжен“, кажа обвинителот Бубевски.
Министерот Спасовски појасни дека киднаперите имале информации од член на семејството за движењето на Вања, возилото кое го користеле било на веќе ликвидираниот пензионер Жежовски, а користеле уште еден автомобил „рено кангу“ земено од членови на партијата во која членуваат осомничените.
„Мотивот е користољубие, при што едно од лицата во договор и со знаење, според првичните сознанија на член на семејството го организирал извршувањето на кривичното дело со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката од кое што понатаму сите инволвирани би имале парична, односно материјална корист. Токму со тоа возило е земена малолетничката од влезот, односно од живеалиштето откако претходно според исказите на осомничените таткото сподели информација со организаторот за денот и времето на излегување сама од дома“, рече Спасовски.
Таткото за време на распитот негирал дека е вмешан во случајот, рече обвинителот Бубевски.
Грабнувањето е извршено во заедничките простории од зградата. Со врзани раце и нозе, во вреќа за спиење, ја ставаат во багажникот од „цитроенот“ и се упатуваат кон околината на Скопје.
Во атарот на селото Бразда ладнокрво ја ликвидираат а потоа го палат возилото за да ги уништат доказите.
На полето сеуште се свежи траги од запалениот автомобил кој го користеле убијците. До таму може да се стигне исклучиво по земјен пат.
Палевски ја напушта државата во четвртокот. Легално, преку граничен премин, автомобилот го вози неговиот адвокат а дестинацијата е Белград. Адвокатот Васко Стојков, во изјава за телевизија „Телма“ тврди дека не знаел за убиствата а Палевски тврдел дека оди во Белград на преглед.
„Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас ништо не знаев за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Врска немав за овие работи. Тој остана затоа што требаше да им преглед другиот ден и рече ако е се во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред рече ќе одел во Истанбул. Кога се вратив полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав“, изјави адвокатот Стојков за телевизија „Телма“.
Откако разбрал за што е осомничен Палевски, адвокатот Стојков му пратил порака дека да се врати и да даде исказ но не кажа дали и каков одговор добил.
Според министерот Спасовски, Палевски се задржал само една ноќ во Белград и следниот ден заминал за Бугарија.
Дента кога бега од државата и наредниот ден додека се крие во странство Палевски е активен на социјалната мрежа „Фејсбук“, поставува постови со политичка содржина и ниту еден поврзан со исчезнатата Вања чиј живот го одзел.
Таткото на Вања сеуште е во полициска станица а од обвинителството најавија дека ќе бараат притвор и се очекува да биде изведен пред судија на претходна постапка.
Скопјани, се простуваат од Вања. Во нејзиното основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ денеска беше поставена книга на жалост. Стотици деца, пријатели, родители роднини, граѓани дојдоа да и оддадат почит. Тажни и во шок. Цвеќиња и запалени свеќи во дворот од училиштето, солзи во очите на луѓето и децата. Се чекаше на ред да се напише последна порака во книгата. Сите се крајно вознемирени и сите без исклучок бараат најстрога казна за убијците.