Македонија го одбележува 11 Октомври, денот на почетокот на народното востание против фашизмот. Во настапот во Куманово, градот од кој, заедно Прилеп, во 1941 година стартуваше народноослободителната и антифашистичка борба, премиерот, правејќи паралела меѓу Илинден 1903 и 11 октомври 1941, повика на повторно обединување на сите во државата заради остварување на стратешката цел – зачленување во ЕУ. „Сега сме пред најсериозната и неповторлива шанса за рамноправно членство и во ЕУ, во динамичен процес до 2030-та година. Македонската држава да стане европска држава! Македонските граѓани да бидат европски граѓани, со достоинствен, европски квалитет на живот. Каков што заслужуваме“, порача Димитар Ковачевски.
Ова не е битка со оружје и на бојни полиња, како партизанските и револуционерните борби. Но е, уште една серозна и важна битка што ние мораме да ја добиеме. И со тоа ќе се осигуриме никој никогаш да не може да ги користи македонските идентитетски прашања, за свои или нечии туѓи цели.Ковачевски, премиер на Северна Македонија
„Денес, патриотизам значи македонскиот дом да го прошириме во европскиот дом. За никој, никогаш повеќе да не биде принуден да зема пасоши на други земји или да ја бара својата егзистенција надвор, во несигурност, по светот. Антиевропска агенда е спротивно на она што значи патриотизам денес. Патриотизмот што значи да си ја сакаш татковината и да вложуваш во нејзиниот развој. Затоа што токму антиевропска агенда води кон живот надвор, во туѓина - води кон Македонија без луѓе. А само тоа значи закана за македонската држава, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. И затоа антиевропска агенда е антимакедонска агенда. Тоа што не успеало за време на илинденското востание во 1903, во НОБ од 1941 до 1944, потоа и за време на распадот на Југославија и во предизвиците на изградбата на државата по прогласената независност во 1991 година – не смееме да дозволиме да се случи денес. Во 2023 година, во цивилизациски напредниот 21-ви век, современа, демократска, мултиетничка, напредна Република Северна Македонија, полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО, држава која почна преговори со ЕУ и идна членка на Европската Унија – некој, со антиевропска агенда, се обидува да ја врати во мрачното и мачно минато, кое е надминато. Ова не е битка со оружје и на бојни полиња, како партизанските и револуционерните борби. Но е, уште една серозна и важна битка што ние мораме да ја добиеме. И со тоа ќе се осигуриме никој никогаш да не може да ги користи македонските идентитетски прашања, за свои или нечии туѓи цели.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.