Проценката на надлежните институции во земјава се дека меѓу 150 и 200 македонски државјани се заглавени во Израел кој од вчера е во воена состојба по офанзивата на Хамас. Засега, околу дваесетина граѓани успеале да се извлечат – деветмина, синоќа, со специјален лет од Тел Авив до Тирана, организиран од албанската влада, а седуммина македонски државјани, кои биле во Витлеем, ја поминале границата и сега се во Јордан.
„Меѓутоа имаме уште граѓани кои се таму. Разговарав со министерот за внатрешни работи, имаме цел кризен штаб кој се наоѓа во МНР, мојот кабинет контактира со нашите соседни земји и со другите партнерски држави кои имаат авиокомпании кои можат да слетуваат или во Израел или во околните држави. Амбасадата во Израел работи деноноќно, вчеравечер беше една непроспиена ноќ со оглед на тоа дека не е лесно да се примат сите телефонски повици што доаѓаат, 50-тина наши државјани се лоцирани, има наши државјани со кои се уште не е стапено во контакт и на тоа сега се работи, да се контактираат, се бара начин да излезат од Израел и безбедно да се вратат дома“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Последните инструкции на МНР до македонските граѓани, кои во моментот се во Израел, се да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје. Освен тоа, пратена е и инструкција до македонската дипломатска мрежа во земјите од регионот да бидат подготвени и достапни за асистенција на граѓаните кои се во и околу подрачјата во Израел зафатени со борби.