Шефот на самопрогласената сепаратистичка држава во Нагорно-Карабах во четвртокот рече дека ентитетот ќе се распушти и ќе престане да постои до крајот на годината, бидејќи уште илјадници етнички Ерменци го напуштаат регионот во Ерменија.
Указот на сепаратистичкиот водач Самвел Шахраманијан следи по минатонеделната операција на азербејџанските сили за повторно преземање на контролата врз областа.
Ерменските власти соопштија дека повеќе од половина од 120.000 етнички Ерменци кои живееле во Нагорно-Карабах преминале во Ерменија до четврток наутро.
Егзодусот што започна во неделата е во услови на страв од одмазда, и покрај ветувањата од Азербејџан дека ќе ги почитува правата на етничките Ерменци во регионот. Властите во Азербејџан во четвртокот го обвинија поранешниот сепаратистички водач на Нагорно-Карабах Рубен Варданјан за финансирање тероризам и илегално преминување на границата.
Обвиненијата дојдоа еден ден откако Државната гранична служба на Азербејџан го уапси Варданјан и го донесе во Баку.
Варданјан го заработил своето богатство во Русија како сопственик на голема инвестициска банка. Тој се пресели во Нагорно-Карабах во 2022 година и служеше како шеф на владата на регионот сè додека не поднесе оставка на почетокот на оваа година.
Нагорно-Карабах е целосно во рамките на Азербејџан, но беше под контрола на етнички Ерменци од 1994 година, додека делови од него беа вратени од Азербејџан за време на војната во 2020 година.
Некои информации се од Асошиетед прес и Ројтерс.