Меѓународната организација за миграција во средата соопшти дека смртоносните поплави што ја погодија источна Либија раселиле повеќе од 30.000 луѓе.
Агенцијата на ОН соопшти дека најмалку 30.000 од раселените се од градот Дерна, а уште илјадници од други области, вклучително и Бенгази.
Се верува дека загинале повеќе од 5.000 луѓе, а точните бројки е тешко да се потврдат во земјата каде ривалските провинциски влади се натпреваруваат за контрола веќе една деценија.
Некои официјални лица велат дека тој број може да се удвои.
Хихем Абу Чкиуат, министер за цивилна авијација во администрацијата што раководи со источна Либија, изјави за Ројтерс дека повеќе од 5.300 тела се изброени во Дерна. Градот беше најтешко погоден откако медитеранската бура Даниел донесе поројни дождови и се урнаа две брани.
Фатма Балха, студентка по медицина во Дерна, изјави за Гласот на Америка дека центарот на Дерна претрпел големи оштетувања.
„Сите згради се урнати. Не можеме да ја видиме зградата“, рече Балха.
Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во средата објавија дека ситуацијата во Дерна е многу лоша и дека е потребна меѓународна поддршка.