Бројот на загинати во Мароко сега се искачи на најмалку 2.900 по земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што во петокот ги погоди планиниските подрачја, југозападно од Маракеш.
„Чувствувавме како се тресе земјата, сите се обидоа да трчаат. Некои влегоа внатре, а некои излегоа надвор. Имаме 93 куќи во ова село, и сите се уништени.“, велат очевидци.
Повеќе од 5500 луѓе се повредени, што е двојно повеќе од претходниот број.
Во вторникот, преживеаните од земјотресот беа донесени во Талат Н'Јакуб со амбулантни возила и евакуирани со воен хеликоптер.
Многу преживеани се жалат на недостаток на помош од владата на Мароко.
Владиниот портпарол во понеделникот ги отфрли обвинувањата за неактивност, велејќи дека сите цивилни и воени власти и медицинскиот персонал работеле на брза и ефикасна интервенција за спасување на жртвите и извлекување на телата.
Спасувачките тимови, вклучително и некои донесени од Катар, Обединетите Арапски Емирати, Велика Британија и Шпанија, изградија шатори и почнаа да доставуваат храна и вода каде што можат.