Се усложнува ситуацијата во безбедносниот систем на земјата – Оперативно-техничката агенција останува без директор.
На актуелниот шеф на ова тело, Зоран Ангеловски, утре му истекува 5-годишниот мандат на кој тој нема право на реизбор. Со неговото заминување ОТА, која е една од клучните институции во безбедносниот и ланецот на борба против криминалот, станува нефункционална.
Ангеловски, кој за денеска најави прес-конференција пред Собранието – органот кој го избра, утринава го откажа настапот пред новинарите. „Ве известуваме дека поради итни и неодложни работи, најавената прес-конференција на директорот на ОТА се одложува на неопределено време“, пишува во известувањето кое дојде од ОТА.
Проблемот е што, во моментот, нема кој, во полн капацитет да го замени Ангеловски – тој по истекот на мандатот заминува од ОТА, а негов наследник не само што не е избран, туку процедурата за избор само што почна.
Собранието дури вчера, на само два дена пред истекот на мандатот на актуелниот шеф на ОТА, со 83 гласа „за“ и без „против“ или „воздржани“ ја донесе предлог-одлуката за распишување оглас за избор на нов директор. Но, до изборот ќе помине подолг период во кој ОТА, институцијата одговорна за следење на комуникациите со претходно судско овластување, всушност останува обезглавена, зашто според објаснувањето на самиот Ангеловски никој друг не може да раководи со агенцијата освен легитимно избран директор.
Пораките кои дојдоа од меѓународната заедница, пред се од ЕУ, се дека „очекуваат властите да ги обезбедат неопходните услови за континуитет на работата на ОТА“.
Но, како ќе се обезбедат тие услови ако во наредниот период, до изборот на нов директор, нема кој да управува со агенцијата?
ОТА се формираше пред 5 години како резултат на реформите во разузнавачкиот сектор со кои некогаш семоќната УБК беше расформирана и нејзините ингеренции поделени меѓу новоформираните Агенција за национална безбедност и ОТА – која го доби делот за следење на комуникациите.