Од пред платото на Центарот за култура во Струга ќе бидат отворени 62-те Струшки вечери на поезијата, со читање на песната Т’га за Југ и палење на фестивалскиот оган. Ќе продолжи со поетските меридијани, каде стихови од својата поезија ќе читаат поети од земјава и ширум светот. Претходно точно напладне во 12 часот во Паркот на поезијата во Струга беше засадено дрво во чест на годинешниот добитник на највисоката награда „Златен венец“, македонскиот поет Влада Урошевиќ.
„Му посакувам многу среќа на моето дрвце. Возбудливо е да се знае дека и тогаш кога нас ќе не нема едно живо суштество, како што е дрвото, ќе продолжи да расте, да се развива и разгранува“, рече Урошевиќ.
Тој за Глас на Америка рече дека е голема честа да се добие ова признание.
„Прекрасен е фактот што Струшките вечери опстојуваат на овој немирен терен, Балканот. Опстојуваат како потврда на поезијата, духовноста, на она што не издига над материјалноста. За мене значи една голема чест. Во списокот на поетите кои ја добиле оваа награда досега се врвните светските имиња и тој список е еден вовед во светска антологија на поезијата од втората половина на 20-от век и првата четвртина од 21-от век. Јас сум многу трогнат од оваа награда и многу сум благодарен“, додава Урошевиќ.
Струга во наредните четири дена ќе пулсира во знакот на светската поезија. Фестивалот и годинава ќе биде пропратен со бројни настани.
„Фестивалот годинава ќе донесе повеќе од 25 поети од 13 земји, повеќе од 40 домашни поети од сите генерации. Ќе донесе една возбудлива и интензивна програма. Мотото на годинешниот фестивал е „Чувствоторен јазик“. Со ова мото ние сакаме да ја потенцираме моќта на поетскиот јазик да создава нови зборови но и да ја менува нашата претстава за реалноста. Стандардно во рамките на фестивалот се предвидени портретите на добитниците. Во чест на сто годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, имаме предвидено два настани. Ацо Шопов е претседател на првиот фестивалски одбор“, рече Тодорче Тасески, директор на СВП.