На 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно, потписи на Рамковниот договор ставија тогашниот претседател Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на САД и на ЕУ, Џејмс Пердју и Франсоа Леотар со што беше ставен крај на неколкумесечниот вооружен конфликт во државата
СКОПЈЕ – За да се имплементира Рамковниот договор од 2001 година па досега донесени се измени на повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања од кои најголем дел се недискриминација и правична застапеност, идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.
За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците кое го води првиот вицепрмиер Артан Груби.
Во основните принципи на документот од Рамковниот договор стои дека целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.
„Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците“, стои во документот.
Потоа следуваат точки што се однесуваат на прекин на непријателствата, развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност, посебни собраниски процедури, образование и употреба на јазиците, изразување на идентитет и имплементација.
Договорот содржи и три Анекси, првиот за Уставни амандмани, вториот за измени во законодавството и третиот за мерки за градење доверба и завршни одредби.
За годишнината од потпишувањето на Рамковниот, преку социјалната мрежа „Фејсбук“, премиерот Димитар Ковачевски порача дека Северна Македонија е пример за функционална и одрѓлива мултиетничка демократија, а почитувањето на различностите е предност.
„Денеска одбележуваме 22 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој донесе мир, и со кој се овозможи континуиран развој на општествената кохезија и на европскиот концепт на обединетост во различностите.Северна Македонија е држава пример за функционална, одржлива мултиетничка демократија, којашто практикува европски вредности. Ние сме општество кое гарантира еднакви права и обврски за сите етнички заедници, за сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници кои оваа земја ја сметаат за свој дом. Дом кој ќе продолжиме да го градиме во духот на меѓусебна грижа и посветеност. Нашата татковина е Европа во мало, а почитувањето на различностите е нашата предност, на што сме особено горди. Република Северна Македонија денес е членка на НАТО, со цврсто втемелен и меѓународно признат македонски јазик и култура, која цврсто чекори со визијата што поскоро да стане дел од европското семејство на народи, каде и припаѓа“, напиша Ковачевски.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во својата честита исто така преку социјалната мрежа „Фејсбук“ кажа дека за да се заврши процесот на еднаквост и интеграција, мора да се направи последниот чекор од уставните измени и нагласи дека за големите одлуки е потребна храброст, а не калкулирање.
„Денес сме дел од евро-американската алијанса, во НАТО сме. Градиме автопати и со Албанија и со Косово, со регионот во кој исто така ги обединуваме границите. Ги отворивме преговорите за членство со ЕУ и го привршуваме скринингот. За да го завршиме процесот на еднаквост и интеграција, мора да го направиме последниот чекор од уставните измени. За големите одлуки е потребна храброст, а не калкулација, потребна е визија, а не кратковидост, потребна е склоност и неприкривање, не се осмелуваме да ја изгубиме шансата и да ја згаснеме надежта на граѓаните за европска држава и поредок. Потребна е нашата секојдневна посветеност да ги усогласиме нашите стандарди со европските, затоа не застануваме, туку се обновуваме во секој предизвик и се соочуваме со него“, порача Ахмети.
Партиите изостанаа со објaви или соопштенија околу годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.
Во рамките на одбележувањето на 22-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кое го раководи Артан Груби организираше концерт на плоштадот „Скендербег“, кобференција во Тетово и Школата за млади лидери „Пис форум дијалог“.