Линкови за пристапност

Повисок ДДВ на добивка, дел од храната и солидарен данок во склоп на државната даночна реформа


Списокот со прехрамбени продукти на кои Владата во вторникот во рамките на законските измени и даночните реформи им го зголеми данокот од 5 на 10 отсто уште патува до Собранието. Министерот Бесими наброја дел од продуктите како путер од кикирики, пармезан, сино сирење, тропско овошје но и месо од ирвас и тартуфи. Со даночната реформа државата планира да собере дополнителни 140 милиони. Бизнис заедницата остро реагира на воведувањето на солидарниот данок кој власта ќе го турка со европско знаме во Собранието

СКОПЈЕ – Додека се чека на текстот од измените на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ) кој во вторникот беше изгласан на владина седница да стигне во Собранието како и списокот на прехрамбени продукти за кои данокот ќе се покачи од 5 на 10 отсто што ќе влијае на цената на производите кои граѓаните ќе ги купуваат во продавниците и маркетите, министерот за финанси, Фатмир Бесими, денеска на инсистирање на јавноста прочита триесетина продукти кои ќе поскапат.

Кокосово масло, брашно од соја, путер од кикирики, сушени риби, пармезан и сино сирење, гумени бомбони, слатки,тропско овошје, бисквите, вафли и обланди но и тартуфи и месо од ирвас кои министерот сметаше дека е битнбо да ги напомене се само дел од продуктите кои се на списокот.

Дали и кои средства за хигиена односно дтергенти ќе поскапат, нема одговор.

Бесими е дециден дека овие проиизводи повторно ќе имаат повластена тарифа од 10 отсто

„Станува збор за производи што всушност и ги има на пазарот. Тие повторно ќе бидат со повластена тарифа, односно ќе бидат со 10 отсто данок. Овие производи и во земјите од регионот и во ЕУ воопшто немаат повластена тарифа“, изјави Бесими.

Владата на седницата која ја одржа во вторникот донесе одлука и за зголемување на данокот од 5 на 18 отсто на пелететите и печките на пелети кои пак до крајот на минатата година ги субвенционираше министерството за економија за што е можно поголема и поширока употреба.

Според Бесими, субвенциите се краткорочно решение, не се во склоп на „зелената транзиција“ и граѓаните мора да се пренаосчат кон обновливи извори на енергија.

„Имавме дилеми и дебати бидејќи според зелена транзиција пелетите кои се субвенционираа привремено се подобри од некои енергенски кои се користеа но на среден и долг рок мора да се заменат со поповолни и од аспект на животна средина. Сметавме дека ова нема да значи голем товар а сигналот ќе биде јасен дека граѓаните мора да се пренасочат ко одржиливи извори кои нема да штетат на животната средина“, изјави Бесими.

Кога станува збор за „солидарниот данок“ кој ќе ги опфати компаниите кои направиле профит од над 10 милиони евра, бизнис заедницата останува на ставот дека ќе предизвика штета на домашните и странски компании бидејќи ќе ги оптоври дополнително и нема да го реши проблемот со сивата економија односно неплаќачите на данок. Солидарниот данок и измените во законот за ДДВ и за добивка се чека да бидат пратени во Собранието со европско знаме а компаниите ќе имаат рок до 30 октомври да го платат.

Со новата даночна реформа државата планира да собере дополнителни 140 милиони евра во Буџетот од кои половина ќе бидат од солидарниот данок кој компаниите имаат рок да го платат до крајот на октомври а другата половина ќе биде од измените на Данокот на додадена вредност и данокот на добивка.

Опозицијата жестоко ги критикуваше даночните реформи за кои смета дека се погрешни бидејќи тие што плаќаат данок ќе плаќаат повеќе а тие што не плаќаат ќе продолжат да не ја полнат државната каса.

XS
SM
MD
LG