Линкови за пристапност

Осум години затвор за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски


Во случајот „Софтвери“ тој беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари. Судскиот совет ги прогласи за виновни и останатите обвинети и ги осуди на затворски казни од три до пет и пол години. Осудените треба да и вратат на државата 6,4 милиони денари колку што е штетата на Буџетот. Еден од осудените, во судницата, ја запроси својата девојка исто така обвинета во процесот


СКОПЈЕ – Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, е прогласен за виновен за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари и судскиот совет во скопскиот Кривичен суд со кој претседаваше судијката Фанка Јанчулева Михаиловска го осуди на вкупна затворска казна во траење од осум години. Ова е епилогот на судскиот процес за случајот „Софтвери“ каде Рашковски со уште шестмина други беа обвинети дека на државата и продале системи за безбедност во сообраќајот кои воопшто не биле потребни.

Останатите обвинети добија затворски казни од три до пет и пол години. Обвинетиот Игор Христов е осуден на пет години и шест месеци, Ивица Димитровски доби петгодишна затворска казна, Даниел Станчев е осуден на четири години затвор, Ирена Ивановска е осудена на три години и шест месеци затворска казна додека Маја Силјановска и Игор Ивановски се осудени на по три години затвор.

Во судницата, на изрекувањето на пресудата, покрај обвинителката Ивана Трајчева, беше присутен и шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал Ислам Абази.

Во образложение на пресудата судијката Јанчулева Михаиловска кажа дека обвинителството ги докажало наводите.

За да ја наплати штетата кон државата, на Рашковски му е замрзнат недвижниот имот и имотот кој е на името на неговите малолетни деца исто како и банкарските сметки лични и на децата.

Случајот „Софтвери“ се однесува на четири тендери од Генералниот секретаријат на Владата кога на чело е Драги Рашковски за систем за биометриска идентификација, софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, АНПР-камери за препознавање регистарски таблички за возила и набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.

Кога станува збор за исплатата на хонорари кои исто така се дел од обвинителниот акт, судот пресуди дека Обвинителството докажало дека хонорарите кои биле исплаќани кај двајца обвинети не биле издржани бидејќи тие немале сработено според договореното а голем дел од парите завршувале назад кај Рашковски.

По соопштувањењто на пресудата и при одлучувањето околу притворите во сдуницата четвртообвинетиот Даниел Станчев од „Инвока“ кој доби четири години затвор ја запроси обвинетата Ирена Ивановска кој е осудена на шест месеци пониска казна.

Сега веќе осудениот поранешен генерален секретар на Владата, Рашковски пак обвини за спрега меѓу судијката и обвинителката и договор тој да биде осуден за штои тврди дека има докази.

XS
SM
MD
LG