Грција е под зголемен притисок да покрене независна истрага за потонувањето на бродот што превезувал до 750 мигранти на 13 јуни, поради обвинувањата од преживеаните дека активностите на грчката крајбрежна стража дошле предоцна и можеби придонеле за бродоломот.
Грчките власти енергично го негираат тврдењето.
Во една од најсмртоносните мигрантски бродски несреќи во последниве години, потврдено е дека загинале најмалку 82 лица, а стотици се уште се водат како исчезнати, меѓу кои и многу жени и деца.
Повеќето биле од Египет, Сирија и Пакистан.
Снимката направена од авион на Фронтекс, граничната агенција на Европската унија, го покажува преполниот брод како се движи покрај Грција утрото на 13 јуни. Фронтекс во соопштението се вели: „На 13 јуни претпладне авион на Фронтекс го забележал рибарскиот брод во грчкиот регион за пребарување и спасување во меѓународни води“.
Бродот бил преполн и пловел со бавна брзина.
Фронтекс веднаш ги известил грчките и италијанските крајбрежни власти, давајќи им информации за состојбата на бродот, брзината и фотографиите.
Авионот продолжил да го надгледува бродот, постојано обезбедувајќи ажурирања до сите релевантни национални власти се додека не останал без гориво и морал да се врати во базата.
Грчката крајбрежна стража најпрвин соопшти дека бродот бил на постојан курс кон Италија, па затоа не интервенирала.
Подоцна соопшти дека се обидела да му помогне на бродот со мигранти со прицврстување на јаже, но рече дека мигрантите го одврзале.