Линкови за пристапност

Струга - домаќин на дводневиот Преспа форум за дијалог


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека идејата е да се потврди прераснувањето на Преспа форумот за дијалог како бренд, по кој земјата е препознатлива.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека идејата е да се потврди прераснувањето на Преспа форумот за дијалог како бренд, по кој земјата е препознатлива.

Во време на руска воена агресија врз Украина, се одржува уште еден Преспа форум за дијалог, трет по ред, овој пат во Струга.

Годинешниот настан има уште поголемо значење, бидејќи се поклопува со пет годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција, што и овозможи на земјата да стане членка и на НАТО. На Преспа форумот, два дена ќе се дебатира на различни теми, како што се регионални и европски политичко-безбедносни прашања, евроинтеграцијата на државите од Западниот Балкан, перспективите за зајакнување на регионалната соработка и добрососедските односи, борбата против корупцијата.

Форумот годинава се одржува под мотото - „Проширено европско семејство до 2030 - (НЕ) ВОЗМОЖНА МИСИЈА?

„Уверени сме дека ПФД 2023 повторно ќе понуди платформа за дискусија и ќе собере на едно место домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, кои ќе имаат одлична можност лично да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за широк обем на регионални и меѓународни теми“, велат организаторите.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека идејата е да се потврди прераснувањето на Преспа форумот за дијалог како бренд, по кој земјата е препознатлива, но и да се зацврсти улогата на Македонија, како регионален лидер во промоција на политиките за надминување на отворени спорови, но и промотор на вредностите за помирување и стабилност во регионот.

„Руската агресија на Украина не потсети на важноста од обединета и демократска Европа, посветена на заштита на нејзините вредности и интереси. Не постои релевантна, научно-политичка мисла, која не ја става темата за обединета Европа, како клучен фактор за долгорочна безбедност и стабилност на континентот, пресликан преку зајакната и забрзана интеграција на останатите земји од континентот во ЕУ.

На овогодинешниот форум, ќе разговараме, колку е можно оваа мисија да биде исполнета до крајот на оваа декада или проширено европско семејство до 2030-та година“, вели министерот Османи.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, инаку учесник на дел од панелите, очекува од овој Преспа форум за дијалог, во контекст на европската интеграција да се испратат пораки за забрзување на процесот на пристапување во ЕУ.

„Пред се преку секторска интеграција, односно преку зголемен пристап на земјите кандидатки до политиките на ЕУ, нешто што и нашата Влада и министерот за надворешни работи го застапуваат веќе подолго време во контекст на новата Методологија за пристапување. Дополнително на еден од панелите каде ќе се дискутира за реформите, кои што во моментот се разгледуваат во ЕУ, за начинот на одлучување, очекуваме да се споделат визиите на земјите членки, пред се преку оваа анализа на француско-германската анализа за реформа за начинот на одлучување во ЕУ. Веројатно оваа сесија ќе биде нешто што ќе има најдолгорочна визија, за тоа како земјите членки го гледаат развојот на начинот на нивното сопствено одлучување, но и начинот, кој што ќе има импликации на процесот на проширување, односно како би се одлучувало на долг рок за одредени реформи на договорите. Очекуваме дека ќе има одреден фокус повторно на прашањето на решавање на билатералните спорови и прашањето за Косово и Србија, бидејќи тоа останува едно од клучните во процесот на проширување“, вели Кацарска.

Годинава на Преспа форумот, ќе бидат присутни и со свои излагања на различни теми, ќе земат учество, амбасадори, највисокиот македонски државен врв, како и претседатели и премиери од регионот и пошироко, помеѓу кои и Филип Рикер, поранешен амбасадор во Скопје и помошник државен секретар на САД, но и Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ.

XS
SM
MD
LG