Претставничкиот дом на САД се очекува во среда да гласа за легислативата за суспендирање на плафонот на федералниот долг со помалку од една недела пред владата да остане без пари за плаќање на сметките.
Американскиот претседател Џо Бајден и спикерот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти работат на обезбедување. поддршка за компромисната мерка која вклучува намалување на трошоците што ја бараат републиканците.
Со оглед на тоа што републиканците имаат тесно мнозинство во Домот, а демократите имаат тесно мнозинство во Сенатот и екстремните крила на двете партии не се задоволни од условите на договорот, не е сигурно дека ќе има доволно поддршка за законот да помине.
Комисијата за правила на Претставничкиот дом го даде своето одобрување во вторникот со гласање 7 спрема 6 што покажа дел од тоа незадоволство, бидејќи двајца републиканци гласаа против договорот.
Секретарката за финансии Џенет Јелен минатата недела предупреди дека Конгресот мора да го зголеми лимитот на долгот до 5 јуни или во спротивно владата нема да може да ги исполни своите финансиски обврски.
Таа рече дека дури и чекањето до последен момент може сериозно да им наштети на довербата на бизнисот и потрошувачите и негативно да влијае врз кредитниот рејтинг на САД.
Предлогот пред Конгресот вклучува откажување од постојниот лимит за задолжување до јануари 2025 година и двегодишен буџетски договор со кој се одржуваат федералните трошоци рамни во 2024 година и се зголемуваат за 1% во 2025 година.