Линкови за пристапност

Четворица Македонци и еден Британец со такси поминале пола Европа за да соберат пари за болни деца


Парите ќе бидат донирани на детската болница во Велика Британија „Great Ormond Street “, домот за деца без родители во Македонија, т.н авиоамбуланти во Лондон и на други места
Парите ќе бидат донирани на детската болница во Велика Британија „Great Ormond Street “, домот за деца без родители во Македонија, т.н авиоамбуланти во Лондон и на други места

По поминати повеќе од 5.000 километри пари и 15 дена патешествие низ половина Европа, четворицата Македонци кои живеат во Велика Британија - Кико, Трајче, Дејан и Драган, и нивниот пријател, Британецот Ендрју Ворт, успешно ја реализираа својата хумана мисија за собирање на средства, што ја започнале од 13 мај од Лондон.

Парите ќе бидат донирани на детската болница во Велика Британија „Great Ormond Street “, домот за деца без родители во Македонија, т.н авиоамбуланти во Лондон и на други места.

За Гласот на Америка раскажуваат дека идејата за вакво нешто се родила сосема случајно, пред се` поради авантуристички дух.

„Идејата е на сите нас. Сите на некој начин сме со авантуристички дух. Сакаме нешто да направиме, да направиме некои позитивни промени. Сите сакаме да патуваме и најдобар спој беше, живееме во Англија, да стигнеме до Македонија и на цел тој пат да ја пренесеме таа хумана порака. На големо изненадување имавме голема поддршка од сите наши пријатели и од луѓе кои воопшто не ги ни познававме, но видоа дека станува збор за благородна идеја и ја подржаа со целото срце, покрај донациите“, рече Драган Крстев.

Иницијативата е со наслов „Црна кабина - Добротворно патување во Европа“. Тие патувале низ Англија, Германија, Швајцарија, Холандија, Белгија, Луксембург, Италија, Австрија, а поминале и низ поголемиот дел од државите од поранешна Југославија.

„Донации се собираа на разни начини, преку најразлични платформи и канали. Иницијативата започна најпрво како поддршка за детска болница во Велика Британија, по што се отворија вратите и за т.н air ambulants, односно авиоамбуланти во Лондон. И во Македонија ќе имаме донации за некои помали добротворни организации“, вели Дејан Коцев.

Очекуваат дека нивниот пример ќе го следат и други бидејќи, како што велат, иако не можат да го променат светот, можат барем малку да помогнат.

„Ние немаме големи амбиции дека ќе го промениме светот, со тие донации кои ги имаме и со такви акции. Нашата цел беше да собереме донации колку можеме, но и да ги потикнеме луѓето да прават тоа тие што можат. Ако направиме сите помалку, тогаш ќе постигнеме некоја поголема цел. Да не очекуваме дека нешто ќе дојде само од себе и дека некој друг ќе направи за светот да биде подобар. Затоа сите ние да направиме малку колку што можеме, за да им го олесниме животот на тие кои што им е потребно. Ете тоа може да се направи преку забава и авантура, како што го правиме ние“, вели Драган Крстев.

Трајче Трајков додаде дека се` уште има добри луѓе насекаде.

„Повеќе се добри, отколку што се лоши. Сфативме дека секој сака нешто добро да направи, ако за тоа му се пружа прилика“, вели Трајков.

Секаде биле добро пречекани.

„Посебен впечаток ми остави Босна. И таму луѓе кои не не` познаваа, сите сакаа да не` поканат, сите сакаа да се дружат со нас и мислам дека имавме едно фантастично патување и дожививување“, вели Драган Крстев.

„Ние се отворија видиците да посетиме нови места, нови луѓе да запознаеме и да се сретнеме со сите нив. Се` беше позитивно“, вели Дејан Коцев.

Следна патувачка мисија сакаат да биде со брод од Лондон до Солун.

„Веќе разговараме на таа тема, што да направиме следно, иако сите имаме обврски во Лондон со нашите работи и фирми. Една од идеите е да изнајмиме брод и да пловиме од Лондон до Солун во Грција, нешто кое ќе го направиме и за кое ќе треба доста подготовки. Можеби ќе ни бидат потребни една до две години за тоа. Имаме идеја и со двокатен црвен автобус, еден од симболите на Лондон и Британија, да ја прошетаме Европа“, додава Драган Крстев.

Во оваа нивна прва патувачка, хуманитарна мисија, го користеле популарното лондонско такси возило со црна боја ,,Black Cab".

„Симболиката е во тоа што лондонското такси е британски симбол. Една од лукративните причини беше дека сите тие стари такси возила, ги исфрлуваат од употреба од Лондон, бидејки се на дизел, се внесуваат нови електрични возила, па ние можевме да си дозволиме, да земеме две таксија и да го направиме ова патување“, рече Драган Крстев.

Во текот на нивното патување, се соочиле и со една незгода, кога едно од двете возила се расипало, но веднаш добиле повици за помош од нивни пријатели низ Европа.

Од аспект на собраните средства, велат дека ги надминале нивните очекувања, но оти каналите на донирање се` уште не се затворени.

Инаку четворицата Македонци, Драган Крстев од струмичкото село Ангелци, Кико Маневски од делчевското село Тработивиште, Дејан Коцев од Свети Николе и Трајче Трајков од Кавадарци, долги години живеат и работат во Велика Британија и се сопственици на свои бизниси таму.

XS
SM
MD
LG