Линкови за пристапност

Пендаровски: Да не бевме во НАТО, не ќе можевме да се справиме со руските дезинформации


Сознанијата на шефот на државата се дека руските служби се уште се присутни во Северна Македонија, но не во толкав обем како пред зачленувањето на земјата во НАТО. Овие информации Пендаровски реши денеска да ги обелодени за време на дебата посветена на руската агресија врз Украина и нејзиното влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан кон Европската Унија. Според претседателот, намалениот продор на руските разузнавачки структури пред се се должи на влезот на Македонија во Алијансата и пристапот на домашните безбедносни служби до чувствителните информации кои ги разменуваат сојузниците.

Шефот на македонската држава за руските дезинформации
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00
Да бидеме искрени, ако ја споредиме пенетрацијата на руските служби во регионот, особено во Северна Македонија, сега и таа не е толку голема во споредба со 2018-та година, особено во септември, месецот кога го организиравме референдумот за членство во НАТО.
Пендаровски, претседател на Северна Македонија

„Ако ние не бевме во НАТО и не ги споделувавме сите информации во тој заеднички систем, немаше да можеме да се справиме со сајбер - нападите и сите други пропаганди и лажни вести. Да бидеме искрени, ако ја споредиме пенетрацијата на руските служби во регионот, особено во Северна Македонија, сега и таа не е толку голема во споредба со 2018-та година, особено во септември, месецот кога го организиравме референдумот за членство во НАТО. Два до три дена пред почетокот на референдумската кампања „странски ентитети“ преку ноќ воспоставија 35 интернет портали во земјава, од кои 2/3 имаа слични имиња со веќе постоечки. Јас можам да зборувам за руски шпиони кои беа протерани во изминатите две години. 18 од нив беа протерани, сите под превезот дека се дипломати кои во тој период работеа во руската амбасада во Скопје“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

Во ситуација кога во Европа се води војна од големи размери еден од регионите кој се смета за ранлив е токму Западен Балкан чии земји со години се во процесот на пристапување кон Унијата, но се уште се многу далеку од членство. Пречки на тој пат, не се само руското влијание, недоволниот степен на реформи, туку и блокадите, како што беше случајот со бугарското вето.

„Бугарија постави услови кои немаат ништо заедничко со европските критериуми за членство, туку со македонскиот идентитет и јазик. Со „францускиот предлог“ прифативме само вметнување и на Бугарите во уставот како предуслов за одржување на втората Меѓувладина конференција. Во изминатите 18 месеци поддршката на јавноста за ЕУ се намали за 25 проценти“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

„Дадените ветувања кои потоа ЕУ не ги исполни придонесува за намалување на довербата ко ЕУ во регионот и тоа е особено загрижувачки кога ги имаме ефектите од руската агресија врз Украина.“, истакна Славица Грковска, вицепремиерка за добро владеење.

„Иднината на Северна Македонија е во ЕУ – таквата европска иднина бара уставни измени и ова е нешто за што сите треба да помогнеме да се оствари.“, оцени Весела Чернева од Европскиот Совет за надворешни односи.

Засега, тоа изгледа малку веројатно – распоредот на силите во Собранието јасно укажува на тоа дека нема двотретинска поддршка за промена на Уставот.

XS
SM
MD
LG