ФИЛАДЕЛФИЈА (АП) - Претседателот Џо Бајден рече дека ќе ги продолжи разговорите со конгресните лидери во Белата куќа во вторник.
Бајден, кој денес беше во Филаделфија за да присуствува на дипломирањето на внуката Мејси на Универзитетот во Пенсилванија, им рече на новинарите дека состанокот бил закажан за вторник, но не кажа детали околу изгледите за договор.
Бајден по враќањето во Вашингтон треба да замине на самитот на Групата седум во Јапонија в среда. Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби рече дека засега „сè уште нема измени околу планираното патување“.
Бајден во неделата рече дека и понатаму се надева дека може да се постигне договор со републиканците за да се избегне она што би било невидено неисполнување на долгот, што може да предизвика финансиска катастрофа.
„Навистина мислам дека постои желба од нивна, како и од нашата страна да постигнеме договор. Мислам дека ќе успееме да го направиме тоа“, рече Бајден.
Разговори имало и во текот на викендот, но барем јавно, имаше малку индикации дека Белата куќа или републиканците од Домот отстапиле од нивните првични позиции. Бајден ги повика законодавците да ја укинат границата на долгот без предуслови, предупредувајќи дека овластувањето за задолжување на нацијата не треба да се користи за наметнување на длабоки кратења на трошоците и други барања на конзервативната политика.