Линкови за пристапност

Поставен камен темелникот на Коридор 10 д, автопатот Прилеп - Битола


Премиерот Ковачевски со зелено знаме го означи почетокот на Коридорот 10-д, а вицепремиерот Груби порача дека никој и ништо нема да ја запре изградбата на двата Коридори 8 и 10д




ПРИЛЕП - Со свечена церемонија на која присуствуваше премиерот Димитар Ковачевски и голем дел од неговиот кабинет беше означен стартот на изградбата на Коридорот 10 д, автопат кој ќе ги поврзува Прилеп и Битола. Станува збор за делница во должина од речиси 40 километри кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ во рамките на проектот тежок 1,3 или 1,5 милијарди евра.

Премиерот Ковачевски, во своето обраќање пред присутните гости кажа дека станува збор за проект од национален и стратешки интерес за државата, од кој придобивка ќе имаат граѓаните, економијата и државите коишто ги поврзува овој Коридор и претставува траен влог и наследство за идните генерации.

„ Изведбата на делницата Прилеп-Битола, како дел од Коридорот 10-д, во должина од 40 километри, заедно со автопатските делници од Коридорот 8, претставуваат најголема капитална инвестиција во нашата земја, која ќе биде пресвртница во развојот на нашата држава. Инвестиција, со чијашто реализација нашата држава конечно од кружен тек на Балканот станува вистинска крстосница на Балканот. Инвестиција, со којашто Северна Македонија ја позиционираме на економската и инфраструктурната карта на Европа. Тоа што беше многугодишна стратешка определба на многу влади, оваа Влада денес го реализира“, рече Ковачевски.

Премиерот кажа дека овој проект носи придобивки, нови осум илјади работни места, инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години но и можности за нови бизниси, изградба на бензински пумпи, ресторани, хотели, одморалишта и деловни објекти што всушност преставува работни места за жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите.

„ Отворањето на нови бизниси значи и нови даночни обврзници и нови приливи во државната буџетска каса, што дополнително влијае врз развојот на стопанството, бизнис заедницата, и крајно растот на економијата и можности за вложување во подобро образование, здравство и подобри услуги за граѓаните. Од 2017 до 2022 година се вложени 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. Сега, со Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д, започнавме со подготвителните работи за изградба на околу 110 километри автопатишта во следните 4 години или по 23 километри автопат годишно“, нагласи Ковачевски.

Првиот вицепремиер, министер за политички систем и односи меѓу заедниците и Координатор на проектот, Артан Груби, кој и овој пат носеше маица со натпис на Коридорот изјави дека нема никој да ја спречи изградбата на овој проект, дури ни лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Овој проект продолжува. Мојата порака е дека е дојдено време од денес да ставиме крај и на блокадата на нашето европско интегрирање и тоа е веќе започнат проект заедно со премиерот Ковачевски и партнерите од коалицијата и нема никој да му застане на пат, како што нема да му застане на пат ниту на овој проект, на изградбата на автопатиштата. Така да, спремете се, качете се сите на овој воз кој што вози кон Брисел и кој што нема кој да го сопре“ рече Груби.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, во обраќањето пред присутните потенцираше дека станува збор за старт на најголемиот капитален проект во Пелагонскиот регион.

„Знам колку оваа автопатска делница е приоритетна за Прилеп, за Крушево, за Битола, Могила, Новаци, Ресен и за сите останати од Пелагонија кои живеат или транзитираат од тука. И ова е силна порака од Владата до сите граѓани и стопанствници од регионот. Веќе не зборуваме за програмски ветувања, зборуваме за старт на најголемиот капитален проект во Пелагонскиот регион. Ова е можност за ангажирање на домашната градежна оператива, што значи нови вработувања, а посебно развој на градежната дејност. Нашата иднина е европска и преку изградба и модернизација на коридорите земјава ќе ја доближиме чекор поблизу до европското семејство на развиени земји“, рече министерот Бочварски.

Вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер нагласи дека е одушевен и почестен да присуствува на настанот.

„Ова е важен ден за Северна Македонија, ден кога се поврзуваат двата нејзини важни градови Прилеп и Битола со современ, сигурен и безбеден автопат. Изградбата на модерна патна мрежа не само што ќе ги придвижи луѓето и трговијата, туку и ќе привлекува инвестиции во Северна Македонија. Транспортните рути како што се Коридорот 10-д и Коридорот 8 ќе доведат до поголема регионална интеграција и градење поцврсти врски меѓу соседите “, рече Мејер во своето обраќање.

А во Собранието, во Комисијата за европски прашања продолжи дебатата по Законот за работни односи во која пратениците од власта и опозицијата се докажуваа кој повеќе се грижи за работниците. За опозицијата реален е сомнежот дека работната недела ќе трае 72 часа додека преставниците на владеачкото мнозинство го браеа законскиот предлог и ја обвинија претходната владеачка гарнитура дека ги третирала работниците како евтина работна сила.

Денеска заврши законскиот рок за расправа за овој Закон а од понеделник ќе почнат расправите за останатите четири закони кои беа доставени во Собранието со европско знаме, Законот за градење, Законот за урбаницазија, Законот за експропријација и Законот за утврдување на јавен интерес за кои важи истиот рок од два дена.

По завршувањето на дебатата во Комисијата законите се враќаат кај пратениците кои доколку ги изгласаат петте закони, потоа се испраќаат на потпис кај претседателот Пендаровски, кој пак најави дека нема да го потпише указот за Законот за работни односи бидејќи Уставниот суд ја оцени како дискриминаторска.

Од ССМ најавија дека во првиот момент кога овој закон ќе стапи на сила повторно ќе побараУставниот суд да пресече дали е дискриминаторски и противуставно или не.

XS
SM
MD
LG