Линкови за пристапност

Работната група за уставни измени нема временски рок за иницијативата за уставни измени


Работната група за уставни измени не сака да зборува за временски рок во кој би требало да го испорача првичниот текст на иницијативата. Позицијата на ова тело следи по изјавите на владини претставници дека би сакале во наредните денови, веќе и во текот на идната седмица, да го видат текстот на иницијативата за уставни измени. „И ние сакаме што е можно побрзо да завршиме со работата“ – изјави претседателката на групата пo денешната втора седница на која се утврдувал деловникот за работа.

„Не би калкулирала со време, факт е дека ние сакаме што е можно побрзо да се заврши оваа работа, но тоа не зависи само од нас. Можам да ви гарантирам дека ќе работиме крајно транспарентно и дека ќе бидете известени апсолутно за се што работиме и како работиме“, вели Цаца Николовска претседателка на работната група за уставни измени.

А тоа што оваа група составена од 23 правни експерти, претставници на политички партии и институции ќе го сработи, ќе биде основа на идните нацрт-амандмани кои за да поминат во Собранието и со тоа и Бугарите да влезат во Уставот неопходно е двотретинско мнозинство. Премиерот Ковачевски, во првиот јавен настап, по враќањето од Вашингтон излезе со нов повик до опозицијата која се противи на иницијативата за овој парламентарен состав да влезе во процес на уставни измени.

„Сметам дека сите политички партии имаат одговорност и обврска кон граѓаните ова прашање да го имаат како врвен приоритет на својата политичка агенда зашто европското пристапување не може да биде заложник на еден човек или партија, тоа е стратешко прашање“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Но, дел од граѓанскиот сектор кој се занимава со македонско-бугарските односи посочува на тоа дека промената на уставот е клучниот, но не и единствениот критериум за наредните фази од преговорите. Во својот осврт кон ситуацијата, Институтот за демократија повикува на системски пристап на надлежните кон сите обврски кои произлегоа од ланскиот „француски предлог“ со чие прифаќање се отвори патот за старт на преговорите. „Не треба да се остави отворен простор за нова блокада која Софија би ја аргументирала со тоа дека Скопје не ги исполнува преземените обврски“, велат од оваа организација.

XS
SM
MD
LG