Линкови за пристапност

Хил: Српско-косовското прашање е најважното во регионот кое мора да се реши


„Денеска имаме исклучително ретка прилика да слушаме една од живите легенди на американската дипломатија....“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Така шефот на државата го опиша главниот гостин на денешната конференција на која се зборуваше за регионални безбедносни предизвици и случувања во Западен Балкан. Кристофер Хил – човекот кој со децении е поврзан со регионот е можеби најповиканиот за да зборува за ситуацијата во која сега се наоѓаат земјите од Балканот. Од Дејтон, преку Рамбује, како десна рака на Ричард Холбрук, па амбасадорка позиција во Скопје, главен американски преговарач за Северна Кореја, до актуелната функција – амбасадор во Србија, токму во периодот кога меѓународната заедница очекува конечен пробив во дијалогот Белград-Приштина.

Неговиот денешен настап во Скопје следи по синоќешната, според првичните оценки, не многу успешна нова рунда разговори во Брисел меѓу претседателот Вучиќ и премиерот Курти.

„ Можеби наместо во Брисел требаше пак да се вратат во Охрид. Тоа е едно од најважните прашања во регионот кое мора да се реши. Станува збор за тешко прашање, а тонот меѓу двете страни не е добар. Дијалогот мора да се забрза, јас имам свои видувања како нештата треба да се одвиваат, но навистина ги почитувам луѓето кои го водат процесот – Жозеп Борел, Мирослав Лајчак, тука е и нашиот човек, Ескобар, даваат се што можат, но тоа е многу тешко прашање поврзано со историја, со војна... Не е лесно, но мора тоа да го направат“, рече амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил.

Како големи отворени прашања во процесот ги смета формирањето на заедницата на српски општини и признавањето на косовските документи. Но, и покрај очигледните тешкотии во дијалогот вели дека е оптимист зашто барем, има разговори меѓу двете страни. Проценките на Хил се дека во намалувањето на тензиите може да помогне и иницијативата Отворен Балкан. Не се сомнева дека продолжувањето на тензиите меѓу Србија и Косово ќе бидат штетни за регионот, нешто што може други играчи да го искористат.

„Имам голем проблем со руското влијание... Ова раководство во Москва ја врати оваа голема цивилизацијата назад во шумите и не знам кога ќе се врати назад. Огромна трагедија е она што и го направија на Украина и на самите себе. Но, ние, сојузниците мора да победиме, да покажеме дека не може да го нападнеш соседот, да убиваш луѓе... Не сакам да звучам емотивно, но ова е еден од тие моменти во животот кои, за среќа не доаѓаат често, кога мораш да бидеш на чисто и да бидеш подготвен да се справиш се додека не победиш. Не им посакувам лошо на жителите на Русија, но ова не смее да се дозволи да успее“, додаде Хил.

Искусниот дипломат нема дилеми дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија. Но, не навлезе во детали како земјата треба се справи со сериозните проблеми на тој пат, како на пример уставните измени. „Нема да ви кажам што треба да направите, тоа е на вас“, порача искусниот дипломат.

XS
SM
MD
LG