Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, апелира борбите меѓу ривалските генерали во Судан „веднаш да престанат“ и предупреди дека тие не смеат да прераснат во долготрајна војна од целосен обем.
„Овој конфликт нема и не смее да се реши на бојното поле“, рече Гутереш на состанокот на Советот за безбедност.
Тој рече дека страните мора да го почитуваат 72-часовниот прекин на огнот постигнат со посредство на САД, кој започна на полноќ во понеделникот.
И суданските вооружени сили на генералот Абдел Фатах Бурхан и паравоените сили за брза поддршка предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагало јавно ветија дека ќе го задржат прекинот на борбите.
Во меѓувреме, Белата куќа денеска соопшти дека вториот Американец починал во Судан. Исто така, од таму велат дека САД им помагаат на малиот број Американци кои останале во Судан и сакаат да ја напуштат земјата.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави за новинарите дека САД продолжуваат да работат со двете страни во конфликтот за зајакнување на прекинот на огнот за да се овозможи поголема хуманитарна помош во земјата.
„Ги повикуваме двете воени фракции“ да се придржуваат до прекинот на огнот „и дополнително да го продолжат“, рече Кирби, додавајќи дека „насилствата најверојатно значително се намалиле“.
„Нивоата се намалени, но ние сакаме да ги видиме нивоата на нула“, рече тој.
Врвниот дипломат на ОН во Судан, Волкер Пертес, му рече на Советот за безбедност на ОН преку видео брифинг од градот Порт Судан, каде што тој и стотици вработени на ОН се преселиле од Картум, дека привремениот прекин на огнот се одржува само во некои делови од земјата.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.