Линкови за пристапност

Бежоска: Проекцијата на Народна банка е да се намали инфлацијата од 14 на околу 9 проценти во просек на годишно ниво


Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон САД, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик рече дека Централната банка ќе продолжи и понатаму со прудентни политики. Клучната гаранција за тоа е високото ниво на девизните резерви и според последните податоци, тие достигнале едно од историски највисоките нивоа од 4.2 милијарди евра и тоа е сосема адекватно за одржување на стабилен курс на денарот во однос на еврото. Нашата проекција за оваа година е да се намали инфлацијата од 14 проценти колку што беше минатата година на некаде околу 8-9 проценти во просек на годишно ниво.

Глас на Америка: Инфлацијата е главна тема во САД, но и глобално. Федералните резерви на САД девет пати ја корегираа каматната стапка, а има најави дека ќе има уште една корекција во мај кога повторно ќе скокне каматната стапка во САД за да се ублажи инфлацијата т.е. да се избегне рецесија. Што Народна банка презема за стабилизирање на стапките на инфлација годинава?

Анита Ангеловска-Бежоска: Народната банка од 2021 година започна со постепено затегнување на монетарната политика, користејќи различен сет на инструменти, прво започнавме со интервенции на девизниот пазар, со оглед на тоа што притисоците во тој период беа видливи во два сегменти, една беше инфлацијата како резултат на забрзаниот раст на цените на енергенсите, меѓутоа вториот сегмент е девизниот пазар, затоа што ние сме значајни нето увозници на енергенти. Со оглед на притисоците во овие два сегменти започнавем со интервенции. Прво, нормализирање, а потоа и затегнување на монетарната политика. Во текот на 2022 година започнавме и со зголемување на основната каматна стапка која што е еден од инструментите што ги користи Централната банка. Понатаму го користевме инструментот задолжителна резерва, пред се за да влијаеме на процесот на евроизација, а исто така овие мерки ги засиливме и со мерки кои што делуваа во иста насока, која значи стабилизирање на кредитните текови и намалување на инфлациските притисоци. Нашите очекувања се дека инфлацијата оваа година како резултат на мерките што ги преземаме, но исто така, како и резултат на стабилизирањето на цените на светските берзи на храната и енергијата. Како што знаете тие достигнаа минатата година историски највисоки нивоа, меѓутоа веќе од крајот на минатата година се гледаат постабилни движења и во двата сегменти и секако тоа придонесува за намалување на инфлациските притисоци. Нашата проекција за оваа година е да се намали инфлацијата од 14 проценти колку што беше минатата година на некаде околу 8-9 проценти во просек на годишно ниво. Тоа се нашите октомвриски проекции, меѓутоа сега сме во фаза на изготвување на нов сет на макроекономски проекции кој ќе ги земе во предвид сите најнови информации и макроекономски параметри и ќе излеземе со нови бројки наредниот месец.

Глас на Америка: Како економскиот раст може да влијае на ублажување на инфлацијата?

Анита Ангеловска-Бежоска: Каква ќе биде натомошната поставеност на монетарната политика зависи од два клучни сегменти, состојбите на девизниот пазар кои засега се стабилни, движењата се нешто подобри од нашите очекувања, додека вториот сегмент е од инфлацијата, не само тековно колку е, туку и какви се очекувањата за наредниот период. Засега инфлацијата е во рамки на нашите очекувања, но мора да се следат состојбите, потребен е внимателен пристап и ако податоците покажат дека се уште има зголемени инфлациски притисоци, се разбира и неминовна ќе биде и реакција на Централната банка се до стабилизирање до трајна основа на инфлациските очекувања и инфлацијата.

Глас на Америка: Како сето ова ќе влијае врз монитарната политика и колку е стабилен денарот во моментов?

Анита Ангеловска-Бежоска: Сведоци сме сите дека и во македонската економија се случуваа бројни кризни епизоди, како во подалечното така и во поблиското минато, но и покрај сите овие кризни епизоди, денарот во контунуитет во повеќе децении се одржува на стабилно ниво, што индиректно е многу значајно за одржување на вкупната макроекономска стабилност во македонската економија. На сите ни е познато доколку нема макроекономска стабилност, нема ни услови за посилен и одржлив економски раст. Нема причина таа стабилност во делот на курсот и макроекономската стабилност да биде загрозена. Централната банка ќе продолжи и понатаму со прудентни политики. Клучна гаранција за тоа е високото ниво на девизните резерви и според последните податоци, тие достигнаа едно од историски највисоките нивоа од 4.2 милијарди евра и тоа е сосема адекватно и козистентно со нашата стратегија за одржување на стабилен курс на денарот во однос на еврото.

Глас на Америка: Меѓународниот монетарен фонд вчера направи мала надолна ревизија на глобалниот раст, дали тоа ќе се одрази и врз македонската економија?

Анита Ангеловска-Бежоска: Меѓународниот монетарен фонд вчера ги објави најновите пролетни проекции со кои што направи мала надолна ревизија на глобалниот раст и нагорна ревизија на глобалната инфлација. Во суштина, кај економскиот раст и натаму се очекува глобалната економија да расте, но со забавена динамика во споредба со нивните претходни проекции во јануари. Притоа ова забавување се очекува да биде поизразено кај развиените економии. На пример, во Евро зоната се очекува поголемо забавувавње и раст од само 0.8 проценти, додека во германската економија, која е наш најзначаен трговски партнер, се очекува економијата да влезе дури и во блага негативна зона од -0.1 процент. Секако овие бројки ќе имаат влијание и врз македонската економија како мала трговско отворена економија и одтаму, глобалните случувања, особено случувањето во ЕУ која е наш значаен трговски партнер, се одразуваат и врз македонската економија. Колкави ќе бидат импликациите од ова за нас, ние тековно во Народната банка ги земаме во предвид сите овие најнови проекции, оценки, најнови макроекономски индикатори, ги вградуваме во нашите проекции кои што ќе бидат објавени наредниот месец.

XS
SM
MD
LG