Украинските власти отворија истрага за видеото на социјалните мрежи на кое наводно се гледа како еден од војниците на Киев е обезглавен.
Новинските агенции не можеа веднаш да ја потврдат автентичноста на видеото. Но, украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеопорака рече: „Има нешто што никој во светот не може да го игнорира: колку лесно убиваат овие ѕверови“.
Зеленски рече дека видеото покажува егзекуција на украински заробеник и дека сите мора да реагираат. „Не очекувајте дека ќе биде заборавено, дека времето ќе помине“.
Официјалните лица го проучуваат видеото за да ги идентификуваат одговорните, како и да ја идентификуваат жртвата.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, ја нарече снимката „ужасна“, но рече дека нејзината автентичност треба да се потврди.
Дел од информациите се преземени од АП, Франс-прес и Ројтерс