Осомниченото лице за пукањето во училиштето во Нешвил нацртало детална мапа на училиштето, вклучувајќи ги и потенцијалните влезни точки, и извршило надзор пред да убие тројца ученици и тројца возрасни, во последното од серијата масовни пукања во земјата.
Се верува дека осомниченото лице, кое беше убиено од полицијата, е поранешен ученик во училиштето.
Жртвите беа идентификувани како Евелин Дикхаус, Хали Скругс и Вилијам Кини, сите 9 години, и возрасните Синтија Пик (61), Кетрин Кунс (60) и Мајк Хил (61).
„Тоа е потресно, најлошиот кошмар на едно семејство“, изјави претседателот Џо Бајден за новинарите во Вашингтон.
Тој повторно го повика Конгресот да донесе повеќе закони за контрола на оружјето.
„Мораме да направиме повеќе за да ги заштитиме нашите училишта за да не се претворат во затвори... Повторно го повикувам Конгресот да ја усвои мојата забрана за оружје“, рече тој.
За пукањето во понеделникот зборуваше и првата дама Џил Бајден.
„Навистина сум без зборови. И нашите деца заслужуваат подобро“, рече таа.
Градоначалникот на Нешвил Џон Купер на Твитер напиша: „Во трагично утро, Нешвил се приклучи на страшната, долга листа на заедници што доживеале пукање во училиште. Моето срце е со семејствата на жртвите. Целиот наш град стои со вас“.
Извор: АП