Линкови за пристапност

Терористички напад на САД е речиси незамислив, вели Одделот за домашна безбедност


Американските воени и разузнавачки претставници велат дека веројатноста за напад на американско тло е мала и оти е поверојатно вакви групи да ги таргетираат американските или западните интереси во Јужна Азија или Европа
Американските воени и разузнавачки претставници велат дека веројатноста за напад на американско тло е мала и оти е поверојатно вакви групи да ги таргетираат американските или западните интереси во Јужна Азија или Европа

Странски терористички групи, вклучително и некои филијали на Исламската држава и Ал Каеда можеби имаат желба да извршат големи напади на територијата на САД, но децениите антитерористичка работа го направија извршувањето на таква операција речиси невозможно, според висок американски претставник за внатрешна безбедност.

Николас Расмусен, координатор за антитероризам во Одделот за домашна безбедност, ја нарече можноста за напад кој потсетува на 11 септември 2001 година, кога терористите на Ал Каеда киднапираа четири авиони и убија речиси 3.000 луѓе, „речиси незамислива“.

Изјавата на Расмусен доаѓа само неколку недели откако највисоките воени и разузнавачки функционери сведочеа пред Конгресот, предупредувајќи дека авганистанската филијала на Исламска држава сака да нападне цели на САД или на Западот.

Исламската држава - Хорасан „може да изврши надворешни операции против американските или западните интереси во странство за помалку од шест месеци без малку предупредување“, изјави генералот на американската централна команда Мајкл Курила пред законодавците на почетокот на овој месец.

Генерал-полковникот Скот Бериер, началник на Одбранбената разузнавачка агенција, им рече на законодавците: „Прашање на време е кога тие можеби ќе имаат способност и намера да го нападнат Западот“.

Претходно оваа година, Кристин Абизаид, директорка на Националниот центар за борба против тероризмот, ја нарече Исламската држава - Хорасан „актер за закана за кој сум најмногу загрижена“.

Засега, американските воени и разузнавачки претставници се согласуваат со Расмусен дека веројатноста за напад на американско тло е мала и дека е поверодостојно вакви групи да ги таргетираат американските или западните интереси во Јужна Азија или Европа.

Но, дури и Расмусен е загрижен дека заканата од групи како ИД-Хорасан може да се зголеми доколку САД и нивните сојузници и партнери не можат да одржат притисок врз странските терористички организации.

Некои законодавци и функционери се особено загрижени, укажувајќи на губење на теренското разузнавање по повлекувањето на САД од Авганистан во август 2021 година.

Оттогаш, американската војска изврши само еден антитерористички напад во Авганистан, убивајќи го водачот на Ал Каеда Завахири минатата година.

И воените претставници предупредија дека собирањето разузнавачки информации од воздух, преку авиони или беспилотни летала, е тешко поради долгите растојанија меѓу американските бази и целните области во Авганистан.

Како резултат на тоа, високите воени команданти на САД се загрижени дека не можат да пристапат до клучните детали и разузнавачките информации кои би можеле да ѝ дадат на земјата повеќе предупредување за претстојниот напад.

XS
SM
MD
LG