Линкови за пристапност

Блинкен: Имплементацијата на договорот го отвора патот за признавање на Косово од петте земји на ЕУ кои не го признаваат


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека доколку се имплементира договорот меѓу Косово и Србија, тоа ќе го отвори патот за признавање на Косово од петте земји од Европската Унија кои не го признаа.

Секретарот Блинкен ги даде коментарите како одговор на прашањето на демократската сенаторка Џин Шахин во врска со неговите напори да ги убеди петте земји на ЕУ кои не го признаваат Косово.

„Тоа секако е прашање што ние продолжуваме да го покренуваме, но исто така мислам дека овој договор, ако оди напред, всушност не` става на пат кон признавање од овие земји“, рече секретарот Блинкен.

Тој призна дека признавањето од Србија е друга работа и оти ќе потрае.

„Но, ако тие (земјите) постигнат нормализирани односи, тоа би имало позитивен ефект и верувам дека со текот на времето ќе стигнеме до таа точка, но мислам дека за петте земји кои не ја признаваат независноста на Косово, и фактот што овие земји (Косово и Србија) го постигнаа договорот и под претпоставка дека ќе го спроведат, тоа ќе ги турне кон признавање“, рече Блинкен.

Блинкен на седницата рече дека напредокот што е постигнат меѓу Србија и Косово дава надеж, особено оној од минатиот викенд за спроведување на патоказот на патот кон нормализација.

„Верувам дека она што е важно, освен што двете земји начелно се согласија да го сторат тоа, е дека овие заложби се дел од плановите на двете земји за членство во Европската Унија, па се надевам дека ова ќе биде поттик да ги спроведат“, рече тој.

Сенаторката Шахин рече дека се согласува.

„Верувам дека е важно луѓето и во Косово и во Србија да видат некои придобивки во нивниот приватен живот од овој тип на договори и се надевам дека тоа ќе ги доближи двете земји до ЕУ“, рече таа.

Блинкен рече дека САД се „многу вклучени во овој процес“.

„Разговарав и со премиерот Курти и со претседателот Вучиќ во врска со ова, така што мислам дека ова е позитивен момент“, рече тој.

Сенаторката Шахин рече дека Комитетот за надворешни работи на Сенатот е многу заинтересиран за ова прашање и праша како Конгресот може да помогне во овој поглед.

„Верувам дека би било огромна помош доколку, во вашите ангажмани со законодавците на двете земји, на пример, јасната поддршка на Конгресот на САД да се придвижат напред и да се имплементираат овие договори, мислам дека би била критична“, рече Блинкен.

Тој додаде дека силно го охрабрува ангажманот на членовите на Конгресот со парламентите на двете земји, како и со самите лидери на двете земји.

XS
SM
MD
LG