ДЕНВЕР (АП) - Двајца училишни администратори биле застрелани утринава во средно училиште во Денвер за време на конфронтација што се случила откако бил пронајден пиштол кај ученик, соопштија властите.
Едно машко малолетно лице е во бегство, а пиштолот не бил пронајден по пукањето во средното училиште, изјави началникот на полицијата Рон Томас.
Пукањето се случило непосредно пред 10 часот во област подалеку од училниците додека ученикот бил подложен на претрес како дел од „безбедносниот план“ кој барал секојдневно да се претресуваат учениците, велат официјалните лица.
Еден од административците е критично повреден и бил подложен на операција во околната болница. Втората жртва е во стабилна состојба, изјави Томас. Двете жртви се од машки пол.
Томас рече дека полицијата го знае идентитетот на осомничениот и е уверена дека ќе го приведе.
„Тој очигледно е вооружен и опасен и подготвен да го употреби оружјето, како што дознавме утрово“, предупреди градоначалникот на Денвер, Мајкл Хенкок додека органите на редот се по потрага по осомничениот.
Претходно овој месец, учениците од училиштето протестираа и побараа построги закони за оружјето, по смртта на соученик кој беше застрелан додека седел во автомобил во близина на училиштето, во кое има околу 2.500 ученици.
Извор: Асошиетед Прес