Линкови за пристапност

Џенет Јелен може да оди во посета на Кина, рече Белата куќа


Вашингтон и Пекинг разговараат за потенцијалното патување во Кина на американската секретарка за финансии Џенет Јелен и секретарката за трговија Џина Рајмондо, соопшти денес Белата куќа.

Тоа ќе биде посета на највисоко ниво меѓу двете земји откако односите се влошија во февруари.

Во тек е „активно“ разгледување на патувањата, изјави за новинарите Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

„Во моментов водиме разговори со НР Кина за потенцијална посета на секретарката Јелен и секретарката Рајмондо да одиме таму и да разговараме за економските прашања“, рече тој.

Многу очекуваната посета на Пекинг од страна на државниот секретар Ентони Блинкен беше откажана во последен момент во февруари, откако САД соборија кинески балон за кој американската влада изјави дека шпионира тајни воени локации.

Кирби рече дека Блинкен допрва може да замине.

„Таа посета беше одложена, не беше откажана“, рече тој. „Ние сè уште сакаме да го вратиме секретарот Блинкен во Пекинг“.

„Важно е да ги држиме отворени тие линии на комуникација, особено сега, кога тензиите се толку високи“, рече тој.

Сепак, во врска со потенцијалниот телефонски разговор меѓу кинескиот лидер Шји Џјинпинг и претседателот Џо Бајден, Кирби рече „Немам закажан разговор“.

Извор: Агенција Франс-прес

XS
SM
MD
LG