СКОПЈЕ – Владата на утрешната седница ќе ги замрзне цените на јајцата и оризот потврди министерот за економија Крешник Бектеши. Скок на цените пред престојните верски празници нема да има. Сепак која ќе биде цената по која ќе се замрзнат овие два продукти од Владата не откриваат. Дали ќе биде моменталната цена или пак цена по која се продавале пред петанесетина ден ќе се одлучи на утрешната седница.
„Не би сакал јавно да го кажам, затоа што може одредени трговци да се подготват, но пред да биде конечната одлука не би сакал да објавам , но ќе биде една од цените по која се продавале во март“, изјави министерот Бектеши.
Во државата дневно се произведуваат околу 700 илјади јајца а дел оди и за извоз бидејќи во регионот во Северна Македонија овој продукт има најниска цена. Токму затоа можно е со замрзнувањето на цената да се ограничи извозот со што ќе се спречи недостаток на рафтовите.
„ Ако донесеме одлука за забрана за извоз, тоа ќе биде спротивно на договорите на Цефта и ЕУ и може да имаме санкции и затоа таква одлука не е опција. Но, за да ги зачуваме постоечките цени, а извозот да биде согласно правилата, ние утре нема да носиме одлука само за замрзнување на цена туку ќе го ограничиме , со произвдоството да се задоволат домашните потреби, а одреден процент ќе оди за извоз од земјава“, објасни Бектеши.
Владата и ССМ и денеска продолжија со различните пресметки на минималната потрошувачка кошничка за четиричлено семејство но заедничко е што по ниту една пресметка две минимални плати не го задоволуваат основниот минимум.
Според Бектеши, ССМ од август минатата година вметнува уште една ставка – трошоци за живот или инфлација иако во пресметките веќе е пресметата.
Од ССМ одговорија дека маместо да се објаснува со Синдикатот, Владата треба да работи на подобрување на стандардите за живот на работниците и намалување на инфлацијата. Методологијата за пресметка е 12 година исти велат од ССМ.
„ ССМ кошничката ја пресметува веќе 12 години по иста методологија. Тоа што е изменето е што од август минатата година им укажуваме на креаторите на политиките дека на едно четиричлено семејство му недостасуваат седум до осум илјади денари месечно. Тие средства се изразени како посебен апсолутен износ во синдикалната кошничка за да им укажеме дека треба да носат побрзи и поефикасни мерки со кои ќе помогнат на домаќинствата“, изјави Слободан Трендафилов од ССМ.
Пресметките на Владата се дека во моментов се потребни нешто над две минимални плати за да се покрие минималната потрошувачка кошничка и дека очекуваат од наредниот месец целосно да ја покријат.
Синдикатите се децидни, минмалната потрошувачката кошничка е онолку колку што е потребно да преживее едно четиричлено семејство а не да има достоинствен живот или да може да бира каква храна или облека ќе купи.
„Кошничката покажува минимални основни параметри за преживување на едно четиричлено семејство но не и за нормален живот. Во исхраната и пијалоците која е 19.379 денари влегуваат само најнеопходните 41 производ се земени од Државниот завод за статистика (ДЗС). Не зборуваме за квалитет на исхрана. Зборуваме само за храна и пијалоци за преживување“, дополни Трендафилов.
Со последната одлука на Владата минималната плата се зголеми на 20.175 денари а од ССМ пак апелираат дека сите плати мора да го следат темпото на инфлацијата.