Тик-Ток потврди дека американските власти препорачале популарната апликација за споделување видео да се раздели со компанијата, ByteDance за да избегне национална забрана, објави Асошиејтед Прес.
Според АП, западните земји, вклучително мнозинство држави во ЕУ и САД, преземаат сè построг пристап кон апликацијата, наведувајќи ги стравувањата дека податоците на корисниците би можеле да бидат искористени или злоупотребени од кинеските власти.
„Ако целта е заштитата на националната безбедност, повиците за забрана или распуштање се непотребни, бидејќи ниту една опција не ги решава пошироките индустриски прашања за пристап и пренос на податоци“, изјави портпаролот на Тик-Ток.
„Остануваме уверени дека најдобриот пат за решавање на загриженоста за националната безбедност е транспарентна заштита на американските кориснички податоци и системи базирана на САД, со силно следење, проверка и верификација од трета страна“, објави Тик-Ток.
Волстрит журнал и други американски медиуми објавија дека Белата куќа поставила ултиматум: ако Тик-Ток остане дел од ByteDance, ќе биде забранет во САД.
Белата куќа минатата недела го поздрави предлог-законот претставен во Сенатот на САД, кој ќе му овозможи на претседателот Бајден да го забрани Тик-Ток.