Линкови за пристапност

Бугарија и Романија потпишаа договор за поблиска соработка во услови на војна во Украина


Двајцата лидери разговараа за кандидатурите на нивните земји еден ден да се приклучат во Шенген зоната
Двајцата лидери разговараа за кандидатурите на нивните земји еден ден да се приклучат во Шенген зоната

Бугарија и Романија, соседи и сојузници во НАТО, денес потпишаа договор за соработка за зајакнување на билатералните врски во услови на војна во Украина.

Бугарскиот претседател Румен Радев денес имаше разговори со неговиот романски колега Клаус Јоханис во главниот град Софија, каде што двајцата лидери разговараа за теми како регионалната безбедност, енергијата и економијата.

Тие, исто така, разговараа за кандидатурите на нивните земји еден ден да се приклучат на европската зона за патување без легитимации, таканаречената Шенген зона.

На прес-конференцијата, Радев го истакна судирот на американско беспилотно летало со руски борбен авион над Црното Море, велејќи дека „мора да направиме се` што е можно“ за да спречиме настаните да ескалираат во глобален конфликт.

„Покрај поддршката за Украина ние мора да работиме на крај на овој конфликт што е можно побрзо“, рече тој.

Јоханис средбата ја нарече „клучен момент за билатералните односи“ и рече дека инцидентот со беспилотно летало во Црното Море е „сериозен и за жалење“.

„Длабоките геостратешки промени на нашите граници, со последици во проширениот регион на Црното Море нè поттикнуваат да ја сфатиме потребата за уште поблиска соработка“, рече тој.

Јоханис рече дека со Радев разговарал за политиката на проширување на ЕУ, проширување на транспортната инфраструктура и потребата да се поддржи Молдавија, која не е членка на ЕУ или НАТО и е силно погодена од војната во Украина.

И покрај тоа што Бугарија и Романија се членки на НАТО од 2004 година и членки на ЕУ од 2007 година, минатата година им беше кажано дека мора да чекаат подолго за да учествуваат во Шенген зоната.

„Досега докажавме дека знаеме како да управуваме со илегалната миграција, која е вештачки измешана со шенгенското прашање“, рече Јоханис, и додаде: „Се надеваме дека оваа година ќе добиеме позитивен глас за ова“.

Извор: АП

XS
SM
MD
LG