Минималната мартовска плата која ќе се исплаќа следниот месец повисока за 2.175 денари. Над 80 илјади работници ќе добијат повисок минималец. Работодавците се обврзаа дека ќе ја почитуваат одлуката. Разликата меѓу две минимални плати и синдикалната потрошувачка кошничка сеуште е над 10 илјади денари
СКОПЈЕ - Минималната плата се зголемува за 12 отсто почнувајќи од овој месец па така во април над 80 илјади работници ќе добијат минималец кој ќе изнесува 20.175 денари. Ова е одлуката која се донесе на денешната седница на Економско социјалниот совет со што се официјализираат измените во Законот за минимална плата донесени во февруари минатата година. На седницата покрај економскиот тим од Владата и премиерот, присустваа и преставници на Синдикатите и на Организацијата на работодавачи.
„ Секој работник следниот месец ќе ја зема оваа плата како минимална. Согласно Законот за административни службеници, кој е усогласен со Законот за минимална плата, тоа значи дека линеарно ќе се усогласат и платите на 27 000 службеници, како и во другите сектори во кои законите се усогласени со Законот за минимална плата“,изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Зголемувањето на минималецот од 12,5 отсто е според методологијата која се донесе минатата година а е согласно зголемувањето на платите и на трошоците за живот.
„50 проценти од порастот на инфлацијата односно трошоците за живот изнесува 7,1 процент. Трошоците за живот во 2022 година беа зголемени за 14,2 проценти според Државниот завод за статистика (ДЗС). Порасотот на нето платата во 2022 година беше 10,9 проценти а половина е 5,45 проценти. Минималната плата во 2023 година се зголемува за 12,55 проценти. Со исплата на мартовската плата во државата нема да има пониска основна плата од 20.175 денари “, објасни Јована Тренчевска, министер за труд и социјална политика
Претставникот на Сојузот на синдикати (ССМ) е задволен од одлуката на Владата и побара сите работодавачи да ги усогласат платите.
„Можам да се пофалам дека решението е можеби најдобро во регионот.Не зборувам за апсолутна сума на пари туку за решение кое нуди зголемување на минималната плата. Како синдикат сме годри иако сме свесни дека не е доволно во времето во кое што живееме. Сепак сметаме дека е добар почеток и добар пат како да продолжиме. Она што сакам е да ги повикам сите работодавачи како во приватниот така и во јавниот сектор да најдат сили и начин да ги усогласат платите на ортанатите вработени да не дојде до урамниловка и да немаме силно мортивирани работници “, рече Златко Цветковски, ССМ
Од организацијата на работодавачи најавија дека ќе ја почитуваат владината одлука, донесена едногласно и дека се потребни попродуктивни работници.
„Зборувавме и минатата година во овој период дека е потребно да имаме попродуктивни работници. Да имаме млади луѓе задоволни кои сакаат да живеат во државата и млади кои ќе сакаат да работат во приватниот сектор и да го поддржат начинот на функционирање на приватнио сектор со давање максимум во своето работење“, изјави Владанка Трајковска, претседател на Организација на работодавачи
Со покачувањето на минималната плата донекаде се зголемува куповната моќ на граѓаните но останува фактот дека финансискиот јаз меѓу минималната синдикална потрошувачка кошничка за четиричлено семејство и две минимални плати е над 10 илјади денари бидејќи според последните пресметки кошничката за месец февруари тежи речиси 51 илјада денари.