Линкови за пристапност

Продолжува кавгата околу надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10


Владата тврди дека се е законски, опозицијата вели дека е матна зделка – продолжува јавната кавга за изборот на компаниите кои ќе го врши надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10 – потфат кој ќе тежи околу 1.3 милијарди евра.

Министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта денеска во мисија на „дообјаснување“, на брифинг, излегоа со детали за целиот проект кој ќе го гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка, а надзорот ќе го предводи ИРД инженеринг.

„Беа дадени на увид сите документи, целата документација во однос на избор на консултант и надзор. Она што, за нас како влада, е важно е патната инфраструктура и коридорите час поскоро да бидат изградени“, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Од 4-те делници најскапа ќе биде онаа од Гостивар до Букојчани долга нешто повеќе од 30 километри – која ќе чини 560 милиони евра. Патот Требениште-Струга-Ќафасан, долг околу 20 километри, ќе се плати 360 милиони евра. За изградбата на делницата од Прилеп до Битола ќе се потрошат 260 милиони, а за Тетово – Гостивар 125 милиони евра. Објаснувањето зошто цените се значително повисоки од оние од претходните проекти е дека поскапела и работната рака и градежните материјали.

Се е според законот, уверуваат надлежните.

Има ли корупција во изградбата на автопатите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

„Имавме транспарентна постапка за избор на консултант за надзор, беше почитуван до крај законот за јавни набавки. Потоа го потпишавме и договорот со Бехтел и Енка, тоа е за нас историски договор. Изградбата треба да заврши за 4 години и 7 месеци“, рече директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Опозицијата не мисли така. ВМРО-ДПМНЕ бара реакција на обвинителството во делот на изборот на конзорциумот што ќе го врши надзорот, клучен елемент за да се внимава на висината на цените на целиот проект.

„Јавното обвинителство да реагира, да отвори истрага и да побара запирање на работа на конзорциумот ИРД-Ептиса-Електра Солушн-Евроконсалтинг“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Антикорупциската комисија отвори предмет за компаниите што ќе го вршат надзорот, но тоа најверојатно нема да го одложи почетокот на целиот проект кој ќе стартува со делниците Тетово - Гостивар и Прилеп – Битола.

XS
SM
MD
LG