Линкови за пристапност

Бајден ги уверува Американците дека банкарскиот систем во САД е безбеден


Американскиот претседател Џо Бајден денес ги увери Американците дека банкарскиот систем во САД е безбеден и дека даночните обврзници нема да ги спасат инвеститорите во двете банки кои пропаднаа.

„Американците можат да имаат доверба дека банкарскиот систем е безбеден. Вашите депозити се безбедни“, рече Бајден во петминутната изјава дадена во Белата куќа.

Тој рече дека сите клиенти на банката со седиште во Силиконската долина во Калифорнија како и Сигничар банката со седиште во Њујорк ќе имаат непосреден пристап до нивните депозити бидејќи федералните финансиски службеници ќе ја преземат контролата врз нивните операции.

„Ниту една загуба нема да биде на товар на даночните обврзници“, изјави Бајден. „Управниците на овие банки ќе бидат отпуштени. Инвеститорите во овие банки нема да бидат заштитени“.

Тој рече дека депозитите на клиентите ќе бидат покриени со средства што банките рутински ги уплаќаат на сметката на американската влада за итни случаи.

Бајден рече: „Мораме да имаме целосен увид за она што се случи“ во двете банки.

Тој ги игнорираше прашањата на новинарите за причината за неуспесите, но финансиските експерти велат дека и двете банки биле погодени од порастот на каматните стапки, што негативно влијаело на пазарните вредности на значителни делови од нивните средства, како што се обврзниците и хартиите од вредност поддржани со хипотека.

Банките не губат пари ако чуваат такви банкноти до доспевање. Но, ако мора да ги продадат за да ги покријат повлекувањата на депонентите, како што беше случајот во последните денови, загубите може брзо да се зголемат.

Федералната корпорација за осигурување на депозити (ФДИЦ) објави дека, банките во САД на крајот на минатата година пријавиле 620 милијарди долари такви загуби на хартии од вредност предизвикани од зголемувањето на каматните стапки.

Во изјавата доцна во неделата, Бајден рече: „Јас сум цврсто посветен да ги повикам одговорните за овој хаос на одговорност и да ги продолжиме нашите напори за зајакнување на надзорот и регулацијата на поголемите банки за да не се најдеме повторно во ваква позиција“.

Изјавата уследи по состанокот на функционери од највисоките финансиски регулатори и рече дека Федералните резерви, централната банка на земјата, исто така им дава на другите банки пристап до програма за итни заеми за да обезбеди дополнителна стабилност на поширокиот банкарски систем.

ФДИЦ, кој осигурува депозити до 250.000 американски долари и ги надгледува финансиските институции, денеска соопшти дека ги префрлила сите депозити од банката во Силиконската долина на таканаречената „мост банка“. Со новата банка раководи одбор назначен од агенцијата додека не се стабилизира работењето.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG