Линкови за пристапност

Пендаровски нема да ги коментира бугарските реакции за обраќањето по повод депортацијата на македонските Евреи


Во обраќањето се содржани историски факти и вистини кои беа потврдени од присутните, соопштијa од Кабинетот на претседателот. Очекувани реакции од десничарите во Бугарија кои бараат извинување од престедателот Пендаровски и тврдат дека Бугарија нема вина и одговорност за депортацијата на 7.144 македонски Евреи во концентрациониот логор „Треблинка“


СКОПЈЕ – На прозивките, обвинувањата и барањата за извинување кои дојдоа од бугарската страна поради ставовите изнесени во обраќањето по поводот 80 годишнината од одбележувањето на депортацијата на 7.144 македонски Евреи во концентрациониот логор „Треблинка“, претседателот Стево Пендаровски нема намера да коментира или пак да се извинува како што тоа го бараат некои во соседна Бугарија.

„Сметаме дека од наша страна нема потреба за дополнителна изјава затоа што претседателот Пендаровски ги искажа јасно своите ставови во обраќањето вчера. Впрочем и гостите кои беа на комеморативниот настан за одбележување 80 години од холокаустот на македонските Евреи, меѓу кои и од Светскиот Еврејски Конгрес, Европскиот Еврејски Конгрес, Еврејската заедница во Република Северна Македонија и „Симон Визентал“ центарот од Виена ги потврдија наводите изнесени во обраќањето на претседателот“, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Во обраќањето кажа дека морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“никаде не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија.

„Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи. Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?“, рече Пендаровски.

Ангел Димитров, копретседател на мешовитата историска комисија, во реакцијата на обраќањето на претседателот Пендаровски кажа дека ставовите се „силно идеолошки“ и неприфатливи за политичар чија задача е да воспостави добри дипломатски односи меѓу двете држави.

Минимизирајќи ја улогата на Бугарија во депотрацијата на македонските Евреи, Димитров кажа дека таа „само управувала“ со територијата на Македонија и дека Бугарија во Втроата светска војна е единствената европска земја која била сојузник на нацистичка Германија ама не подлегнала на притисокот и ги спасила сите свои Евреи, чиј број според него изнесува над педесет илјади.

Од друга страна пак, бугарскиот професор и советник на поранешниот претседател Жељу Желев, Михаил Иванов, смета дека претседателот Пендаровски е во право.

„Тој е апсолутно во право. Зошто не ги слушам демократските политички партии за срамната позиција во која генералот Радев и неговиот круг ја ставија Бугарија?“, напиша Иванов на социјалната мрежа „Фејсбук“.

А на изјавата на претседателот Пендаровски реагираше и бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, познат по анти македонските ставови, кој побара од бугарското МНР да побара официјално извинување од претседателот Пендаровски како и бугарскиот националист Виктор Сотјанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“ кој порача дека претседателот Пендаровски ќе одговарал за својот неонацизам.

XS
SM
MD
LG