Средствата ќе бидат наменети за помош за најранливите категории на граѓани, за малите и средни претријатија и за енергетска транзиција. Поддршката од ЕУ ќе се зголемува во тек на пристапниот процес најави евроамбасадорот Дејвид Гир
СКОПЈЕ - Осумдесетте милиони евра кои Европската Унија ги вети како помош се дотпани за Северна Македонија, соопшти денеска евроамбасадорот Дејвид Гир. Овие средства ќе се користат во рамките на антикризните мерки на Владата и ќе бидат наменети за субвенции за сметките на најранливите категории на граѓаните во државата, за поддршка на малите и средни претпријатија и за процесот на енергетска транзиција.
Помошта ја најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при постетата на Скопје во октомври минатата година.
Евроамбасадорот Гир, кажа дека помошта е ел од пакетот во износ од една милијарда евра што ЕУ го подготви за Западен Балкан, а кој ќе им помогне на граѓаните да се справат со проблемите предизвикани од енергетската криза.
„Осумдесетте милиони евра што ги испорачува ЕУ, се практична финансиска поддршка која ќе направи разлика во справувањето со кризата. Опфатени ќе бидат најранливите категории, околу 172 000 луѓе, пензионери, самохрани родители, невработени кои имаат потреба од социјална заштита, 47 000 ранливи категории граѓани, 470 училишта, 67 јавни комунални претпријатија, компании од прехранбена индустрија, како и здравствени институции. Ова не се само бројки туку граѓани, компании и институции кои заслужуваат помош, на кои сите се потпираме и служат на интересите на сите“, рече евроамбасадорот Гир.
Премиерот Ковачевски е задоволен од исполнетото ветување на ЕУ и кажа дека оваа поддршка е највисока во регионот.
„Оваа криза покажа дека сојузништвото е неопходно за справување со најтешките периоди кои ги донесе оваа криза. Затоа, оваа финансиска помош од ЕУ покрај тоа што е најголема во регионот споредено со големината на земјите, таа е и повеќе од финансиска помош. Таа е знак на сојузништво, на пријателство помеѓу Северна Македонија и ЕУ. Затоа уште еднаш упатувам благодарност за поддршката што ја добивме од Европската Унија во износ од 80 милиони евра, кој сега го добивме. Исто тука мора да го споменам и 100 милиони евра макрофинансиска помош која што исто така ја имаме од ЕУ, како и поддршката на инвестиции во државата во делот особено на енергетиката и на другите инфраструктурни проекти преку ЕБОР и ЕИБ, како и преку другите фондови на ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.
Средствата кои веќе се достапни на државата ќе бидат дел од пакетот антикризни мерки тежок 760 милиони евра а за справување со енергетската криза ќе се потрошат 225 милиони евра.